Достапни линкови

Доцна е за реакции, смета владеачкото мнозинство


Доцна е! Во оваа фаза, опозицијата нема моќ да го убеди парламентарното мнозинство дека треба да се направат измени во спорните закони за работни односи, лобирање, адвокатура и експропријација. Вака од Демократската Унија за интеграција ги коментираат забелешките на опозицијата и обидот да се прифатат нивните поднесени амандмани.

„Опозицијата ја испушти можноста затоа што таа беше надвор од парламентот, да делува на време за подобрување на законите што сега се на дневен ред,“

изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ, Тахир Хани. Со оглед на тоа дека не ни се прифатени поднесените амандмани, исходот е јасен, вели Цветанка Иванова од СДСМ.

„Сметаме дека треба ова мнозинство да го послуша гласот на заинтересираните групи, затоа што не реагира само опозицијата, туку и тие што најмногу ги применуваат тие закони.“

Иако пратеничката група на ДПА најавуваше враќање во парламентот, тоа досега не се случи. Потпретседателот на оваа партија Имер Селмани изјави дека местото на секоја пратеничка група е во собранието и дека е извесно дека ДПА ќе се врати во собраниските клупи. Сепак не открива под кои услови и кога тоа ќе се случи.

Денеска молк од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Не добивме одговор за тоа дали при подготвувањето на законите била консултирана стручната јавност, на што најмногу и забележува опозицијата.

Политичките аналитичари велат дека она што се случува во собраниската сала е резулатат на случувањата во изминатиот период, на излегувањето на опозицијата од парламентот и несогласувањата меѓу шефот на државата Бранко Црвенковски и претседателот на Собранието Трајко Вељановски. Неспорно е дека во ваков собраниски состав, опозицијата има ограничена моќ, вели политикологот Владимир Божиноски

„Опозицијата во секоја држава е тука за да ја контролира и советува власта. Значи, да дава забелешки, предлози, а власта би требло, доколку тие се конструктивни дел од нив да прифати – за нејзино добро.“

Вчера парламентарното мнозинство по третпат го изгласа законот за енергетика, еден од петте спорни закони. Опозицијата гласаше против, со образложение дека истиот ќе им овозможи монополска позиција на државните електрани.
XS
SM
MD
LG