Достапни линкови

За експертите евентуалниот предлог ,,Северна Македонија„ е компромисно решение


На денешната консултативна средба на македонскиот државен врв пред најавената посета на Скопје на медијаторот Метју Нимиц во врска со спорот со името, државното раководство изгради усогласена позиција во врска со идеите што беа презентирани од страна на медијаторот Нимиц за време на последната преговарачка средба одржана на 13 август 2008 година во Њујорк. Ова го соопшти Кабинетот на претседателот на државата по средбата.

Пред најавената посета за неделава на медијаторот во спорот со името Метју Нимиц, македонскиот државен врв затворен за информации. Од Кабинетот на шефот на државата велат дека засега немаат никакви детали за тоа што ќе донесе Нимиц и од владата не даваат никаква информација, а од Министерството за надворешни работи велат дека не ги коментираат шпекулациите во јавноста според кои ,,медијаторот ќе допатува со некави идеи.“ Сепак од наши извори дознаваме дека Нимиц нема да допатува ,,со празни раце“ а предлогот најверојатно ќе содржи географска одредница како што инсистриа Грција. Во медиумите пак деновиве се појавија информации дека ,,на маса“ ќе биде ставен предлогот Северна Македонија. 30% од проблемот со Грција е самото име, а преостанатите се обезбедување на слободата на користење на терминот македонски, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски. Според него, доколку тоа се обезбеди името Северна Македонија е добро и компромисно решение:

„Јас сметам дека Горна или Северна се најповолни предлози, затоа што содржат географска одредница која постоела и во Античка Македонија и која и на македонците овдека, независно што мислат, дека се словени или мешавина со атничките македонци, кој како сака да мисли, терминот не ја загрозува таа позиција, а истовремено ја прецизира точно нашата држава, дури е подобар од комбинацијата ,,Република Македонија во заграда Скопје“ бидејќи е чисто решение.“

Фрчковски вели дека особено треба да се внимава на другиот дел од пакетот, односно на оној кој задира во употребата на терминот ,,македонски“:

„Треба да се обезбеди слободата на употребата на поимот ,,македонски“ од сите страни. Што за нас значи дека ние ќе можеме да бидеме македонци во Северна Македонија, а не ,,северномакедонци“. Тоа е клучот на погледот на поволноста на решението.“

вели Фрчковски.
XS
SM
MD
LG