Достапни линкови

Српската влада смета дека мисијата на ЕУЛЕКС започнува без учество на Србија


Мисијата на Обединетите Нации на Косово (УНМИК) и мисијата на Европската Унија (ЕУЛЕКС) го започнаа процесот за пренесување на надлежностите во областа на правосудството, полицијата и царината. Истовремено со пренесувањето на овластувањата започна и намалувањето на мисијата на УНМИК на Косово. Властите во Белград се противат на реконфигурацијата на мисијата на Обединетите Нации.

Со меморандумот за разбирање меѓу УНМИК и ЕУЛЕКС се објаснуваат техничките детали околу распоредувањето на мисијата на Европската Унија на Косово и преземањето на надлежностите. Истовремено започна и процесот за смалување на персоналот на УНМИК што треба да биде намален за 70 проценти. Редуцирањето на мисијата на Обединетите Нации треба да заврши до крајот на есенва, а со тоа и пренесувањето на надлежностите од УНМИК во ,,контрола“ на мисијата на ЕУЛЕКС во областите на правосудството, полицијата и царината. Предвидено е мисијата ЕУЛЕКС на Косово во која моментално има 380 вработени, да брои околу две илјади припрадници меѓу кои и полицајци, судии, обвинители и царински службеници од земјите на Европската Унија. Претставнците на Обединетите Нации велат дека намалувањето на улогата на УНМИК е во согласност со реалноста на теренот, потпомагајќи го истовремено воспоставувањето на мисијата на ЕУЛЕКС. Косовскиот премиер Хашим Тачи вели дека реконфигурацијата на мисијата на ОН ќе овозможи поголеми овластувања за косовската влада:

„Се согласивме со активната реконфигурација и тесно ќе соработуваме и со Меѓународната цивилна канцеларија и со ЕУЛЕКС. Секое пренесување на надлежностите и рекофигурација на УНМИК подразбира зајакнување на косовските институции.“

Иако мисијата ЕУЛЕКС на Косово се воспоставува преку набљудување и договор постигнат во ОН, официјален Белград се противи на овој процес и не го доживува само како техничко прашање. Премиерот на Србија Мирко Цветковиќ вели:

„Ставовите на владата во врска со ЕУЛЕКС се познати. Владата смета дека мисијата на ЕУЛЕКС започнува без учество на Србија и не треба така да заврши. Инсистираме да бидеме дел од тој проект и решенијата да се усвојат во Собранието. Потпишувањето на меморандумот меѓу двете мисии на Косово не е дел од она на што инсистриме.“

Србија и Русија се противат на потпишувањето на договорот меѓу УНМИК и ЕУЛЕКС за пренос на овластувањата на Косово, бидејќи и покрај одобрувањето од генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, процесот започнува без да биде донесена резолуција во Советот за безбедност на ОН.
XS
SM
MD
LG