Достапни линкови

Клучно е економскиот пораст да е одржлив, сметаат економистите


Иако проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд за пораст на националниот Бруто домашен производ до крајот на годината изнесува пет проценти, владините предвидувања се поразлични. Деновиве министерот за финансии Трајко Славески изјави дека до крајот на годината стапката на економски пораст ќе ја надмине проектираната стапка на ММФ и ќе биде над 6 проценти. Според економските аналитичари различните проекции се резултат на различните претпоставки врз основа на кои се вршат анализите.

„Разлики има заради одредени различни претпоставки. ММФ има едни претпоставки, владата поаѓа со други, нормално, поамбициозни,“

изјави универзитетскиот професор Ванчо Узунов

Со ваквото мислење се согласува и Марјан Николов, од Центарот за економски анализи.

„ММФ пресметува преку модели за финансиско програмирање, тие секогаш стојат на една претпазлива варијанта. Додека, владата нема макроекономски модел за Република Македонија којшто може да го употребува при донесување на одредени пресметки.“

Според Узунов не е невозможно да се постигне предвидената стапка на економски пораст од 6 проценти. Проблемот вели тој е дали таа стапка ќе биде долгорочно одржлива?

„Работата не е да имате на краток период добри стапки, туку на долг рок да имате одржливи стапки. Тоа може да се постигне само со пораст на продуктивноста, а тоа кај нас никој не го спомнува, ниту пак да го таргетира. Нека имаме стапка од три, ама одржлива и реално да расте продуктивноста на трудот три посто годишно,“

вели Узунов.

Николов пак смета дека и стапката од 6 проценти економски пораст не е доволен за развој на македонската економија.

„Треба да се знае кои се основните фактори за раст и развој, како ја гледате економијата на Република Македонија, дали од производен или трошочен аспект и дали се пет или шест проценти, било што да е, тоа е малку за економската економија, ако сака да конвергира кон економиите на развиениот свет.“

Според последните предвидувања на Меѓународниот монетарен фонд економскиот пораст на целиот регион годинава ќе биде поголем од минатогодишниот. За разлика од предвидената стапка од 5 проценти за Македонија, според проценките на фондот Црна Гора и Албанија ќе достигнат раст и до 7 насто.
XS
SM
MD
LG