Достапни линкови

Учеството во мировните мисии неопходно како јасна порака за намерите и политиката на земјата


Во определеноста на Македонија да ги ползува безбедносните гаранции од НАТО, земјава мора да продолжи со учеството во меѓународните мировни мисии. Дури и кога тоа учество е симболично. Вака стручната јавност ја образложува потребата македонските војници да бидат дел од мировните мисии во светот.

,,И самото симболично учество во одредена мисија, дава јасна порака за намерите на земјата, за нејзината политика, оттука често пати, бројот, силата на контингентот и не е пресуден за успешноста на мисиите,"

изјави проф. Трајан Гоцески од Филозовскиот факултет

И од Армијата на Република Македонија информираат дека Македонија останува верна на определбата да учествува во меѓународните мисии и да биде рамноправен партнер во извезувањето на мир.

,,Учеството е базирано брз основа на стекнатите искуства, високиот степен на обученост на нашите војници. АРМ ќе продолжи со мисиите и ќе ги остварува декларираните цели, односно ќе се подготвува за извршување на задачите заедно со Алијансата,"

изјави портпаролот на Армијата, Мирче Ѓорговски

Сепак, покрај позитивниот аспект на учеството на македонските војници во мисиите, проф Гоцески предупредува и на непријатните моменти со кои се соочуваат нашите мировници во мисиите.

,,Едно е јасно, никој не може да си дозволи, па ниту Република Македонија некој да си поигрува со мировните контингенти и на некој начин да ја деградира нивната чест и достоинство, со барање за тргнување на одличјата, чиновите итн."

Но, каква било провокација предизвикана од политичките случувања, не треба да го попречи спроведувањето на националната безбедносна политика, односно добивање полноправно члество во Алијансата, вели Гоцески.

Од јануари следната година, Армијата на Република Македонија ќе распореди нов медицински тим во Авганистан. Мисијата ќе трае три години, а тимовите ќе се менуваат на секои шест месеци. Во моментот земјава има 130 мировници во силите на ИСАФ во Авганистан. Покрај тоа таа со свој медицински тим учествува и во мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина и со две единици во мисијата Слобода за Ирак.
XS
SM
MD
LG