Достапни линкови

Директорот на МОК Насе Насев се надева дека македонските спортисти ќе ги подобрат своите резултати


Светот ги одбројува последните часови до почетокот на најголемиот планетарен спортски настан годинава - летните Олимписки игри во Пекинг, кои ќе започнат во петок со свеченото отварање и палење на олимпискиот оган. Момент кој векови наназад означувал старт на спортското надмудрување и прекин на сите конфликти и кој годинава се очекува со досега најголем интерес. И поради секојдневните критики за кинеската политика, но уште повеќе поради најавата дека претстои досега невиден спектакл.

Најава која ја зголемува возбудата кај сите љубители на спортот, вклучувајќи ги и редовните учесници, како легендата на македонскиот спорт, а пред се борењето, Насе Насев, кому оваа му е јубилејна десетта Олимпијада.

„Ова ќе биде вселенска олимпијада. Се е од ново изградено, најсовремени објекти, исто така и олимпиското село. И се надевам дека ќе биде и најпосетена,“

изјави Насе Насев, директорот на МОК кој цела недела е дел од петтата летна македонска олимписка експедиција во Пекинг. Центарот на светот, каде заминавме со мала и млада екипа од која имаме скромни очекувања.

„Овој тим ќе послужи за натамошните ОИ, и се надевам дека максимално ќе дадат се од себе да ги подобрат своите резултати.“

додава Насев, кој, како и комплетната македонска спортска јавност, сепак, се надева и на медал. Подвиг, кој колку е далечен, толку е и реален за натурализираниот Македонец, Мурат Рамазанов нашиот претставник во борење слободен стил во категоријата до 60 килограми:

„Мурат е релативно квалитетен борач. Тоа го покажа на ЕП и СП. Тој може да ги победи и најдобрите, но може и да киксне. Нема аутсајдери, 20 учесници се квалитетни и од секого може да се загуби, но и да се добие.“

заврши Насев.

Инаку, на ОИ во Пекинг, Македонија ќе ја претставуваат и пливачите Михајло Ристовски и Елена Поповска, атлетичарите Ивана Рожман и Реџеп Селман, стрелецот Сашо Несторов, како и кајакарот Атанас Николовски, нашиот знаменосец на свеченото отварање, каде ќе продефилираме 13 по ред.
XS
SM
MD
LG