Достапни линкови

Светската финансиска криза „ја тресе“ и македонската берза, сметаат експертите


Во повлекувањето на инвестициските фондови од светските берзи како резултат на светската финансиска криза како и во стравот на инветситорите за натамошните движења на берзата, берзанските аналитичари ги лоцираат причините за падот на прометот и на македонската берза. Покрај овие причини, свое влијание на намалениот берзански индекс предизвика и политичката криза во земјава, посочува берзанскиот аналитичар Крсте Шајноски

„Кај нас имавме уште еден проблем, односно отворените прашања од типот дали и кога Македонија ќе влезе во НАТО, дали ќе се реши проблемот со името, ќе има ли датум за преговори за членство во ЕУ. Тоа секако беа и дополнителни фактори за инвестирање на овој пазар и да се повлечат.“

Дека светските трендови на пазарите со хартии од вредност имаат влијание врз тргувањето со акции на домашната берза, се согласува и аналитичарот Горан Марковски.

„Тие регионални инвеститори се воздржани и нормално тоа е резултат на глобалната финансиска криза и недостаток на ликвидност. Колку да звучи чудно за македонски услови, на крајот се се сведува на тоа.“

Моменталните неповолни движења на берзата не значат дека акциите на фирмите не вредат, порачуваат упатените.

„Фирмите и покрај овие отворени прашања добро работат, добар дел од фирмите покажуваат подобри резултати во однос на лани и тоа е главниот момент кој на инвеститорите на пазарот треба да им биде сигнал дека не треба да се плашат за своите хартии од вредност.“

Аналитичарите очекуваат стабилизирање на берзанскиот пазар во земјава. Ако економскиот систем во земјава е стабилен, може да се очекуваат позитивни придвижувања на берзата, вели Марковски:

„Скоро сите банки објавија пораст на профитите, пораст на обемот на работа, градежните компании имаат добар тренд на раст. Значи, главните чинители на обемот на тргување покажаа позитивни резултати.“

Од Македонската берза велат дека таа го следи трендот на движењата на берзите во регионот. Оттаму информираат дека во споредба со јануари оваа година, вредноста на берзанскиот индекс во јуни опаднал за 15 проценти, а ист ваков тренд е забележан и во соседните земји. Од ова тело велат дека не можат да ги предвидат натамошните движења на берзанскиот пазар.
XS
SM
MD
LG