Достапни линкови

Експертите оценуваат дека преговорите се игра на нерви и не очекуваат разврска на спорот


Македонскиот државен врв засега нема информација за тоа кога ќе има нова рунда преговори за името. Ниту од кабинетот на претседателот, ниту пак од владата не ја потврдуваат информацијата на грчката државна телевизија која вчера јави дека посредникот на Обединетите Нации во спорот за името Метју Нимиц закажал нова средба со преговарачите на двете земји, Никола Димитров и Адамантиос Василакис. Иако веста беше објавена, грчките медиуми не прецизираат дали посредникот ќе оствари одвоени средби со преговарачите и за што точно ќе биде разговарано. Домашните експерти не се надеваат дека новата средба ќе донесе некаков прогрес во разговорите. За Јана Лозановска, експерт по меѓународно право, во ситауција кога и двете страни имаат дијаметрално спротивни ставови, не може да се очекува некаков компромис.

„Комплетно спротивни ставови има на двете страни, така што не очекувам придвижување на работите, ова е игра на нерви.“

Според Лозановска новата рунда преговори е само обид да се одржи континуитет во преговарачкиот процес и според неа нема изгледи дека истиот ќе заврши набрзо.

„Не верувам дека ОН самоиницијативно нешто ќе преземат, некое решение, но имаат мандат тоа да го направат, бидејќи не можеме да излеземе од лавиринтот во којшто влеговме, туку напротив се повеќе навлегуваме.“

И покрај информациите во медиумите дека на последните средби со Димитров и Василакис, Нимиц предложил конкретен предлог за името, медијаторот ниту еднаш тоа не го потврди јавно. При последната посета на Нимиц во Скопје, тој призна дека недоразбирањта меѓу македонската и грчаката страна не се надминати, но изрази надеж дека и од двете страни постои волја што побрзо да се дојде до решение. Во меѓувреме пак премиерот Груевски му испрати писмо на неговиот грчки колега Костас Караманлис во кое бараше решение на таканареченото егејско прашање и признавање на македонското малцинство во Грција. Грчката страна официјално го отфрли барањето на македонската страна, егејското прашање да биде дел од преговорите за името, посочувајќи дека не постои македонско прашање во Грција.
XS
SM
MD
LG