Достапни линкови

Владимир Мисев, извршен директор на Институтот за Демократија. Економската програма беше пресудна за електоратот и ја дефинираше победата на ВМРО ДПМНЕ


Г-дине Мисев, Институтот за Демократија во предизборниот период беше ,,мета“ за препукувања меѓу партиите поради анкетите за рејтингот. Обично на нив и граѓаните не им веруваат. Зошто ваквите истражувања се спорни?

Во принцип секаде во светот е пракса, во демократиите во транзиција, да имате сомнеж во резултатите од испитувањата на јавното мислење, меѓутоа секогаш после изборите се покажува нивната веродостојност и по тој основ се диференциират и истражувачките куќи кои се занимаваат со тоа. Конкретно зборувајќи за Институтот за демократија, можам да кажам дека Институтот неколку пати не само на политичките партии, туку и на граѓаните им докажа дека е доста прецизен во своите испитувања на јавното мислење. Значи, на три изборни циклуси за парламентарни избори, еднаш за локални, и за претседателски избори, со помала статистичка грешка од еден процент сме ги предвидувале резулататите. Не кажувам дека сме ги погодувале, затоа што тоа не е лотарија, не е среќа, туку е една научно-истражувачка метода, која што е често користена не само во Македонија, туку и надвор во светот. Во јавноста нормално е во предизборната кампања, партиите да ги оспоруваат анкетите со цел да ги дискредитираат, со една подалечна цел за да си го зголемат својот рејтинг, односно да им докажат на граѓаните дека не уживаат толку мал рејтинг, додека партиите кои имаат повисок рејтинг секогаш се согласуваат со резултатите.

Еден од аргументите што партиите го користеа против вас, е кој ви ги плаќа анкетите. Како се финансирате?

Институтот за демократија има динамика на работа, и тоа ние го соопштуваме секоја година. Во секоја изборна година таа динамика е подложна на промени, и се одвива со засилено темпо. Меѓутоа ние сме кажале неколку пати, а тоа е објавено и на нашиот сајт, дека два пати годишно во неизборни години Инситутот објавува истражувања на јавното мислење од сопствени средства, додека во изборни години во текот на изборната кампања, објавува четири пати. Тоа не значи дека работата на Институтот од аспект на испитување на јавното мислење, застанува тука. Ние правиме испитувања кои не ги објавуваме и кои се нарачани од политичките партии. Досега сме работеле истражувања, за скоро сите политички партии, од поголемите, и резултатите од таквите испитувања ги користат за свои цели. Така да обвинувањата кои што доаѓаат, ние овој пат одлучивме да не ги демантираме, освен во еден случај, меѓутоа во принцип се одлучиме да ги ,,демантираме“ сите тие обвинувња постизборите, покажувајќи дека повторно ги прогнозираме точно резултатите, односно дека тие соодвејстуваат со нашите анкети.

Следејќи го континуирано рејтингот на партиите, може ли да да се извлече некаков заклучок. На што според вас се должи големата популарност на ВМРО ДПМНЕ, и наспроти тоа нискиот рејтинг на СДСМ?

Па има повеќе причини зошто ВМРО ДПМНЕ има висок рејтинг, а СДСМ толку низок рејтинг. Значи ако ги гледате резултатите од испитувањата, значи мора да ги класифицирате различните типови на испитаници, може да се види кај кои слоеви на електоратот се зголемила поддршката, конкретно за ВМРО ДПМНЕ, а кај кои опаднала во однос на минатите избори, па врз основа на тоа да се бараат причните зошто на последните избори ВМРО ДПМНЕ освои толку многу гласови, за разлика од СДСМ. Значи за најголем дел од граѓаните решавањето на економската ситуација беше најголем приоритет и на овие и на минатите избори. Значи околу 65% рекоа дека ќе гласаат за онаа партија која ќе им ја реши економската ситуација. ВМРО ДПМНЕ понуди најконкретна програма во однос на оваа тема, тоа граѓаните го прифатија, го ,,голтнаа“. Во однос на минатите избори во 2006-та година, ВМРО ДПМНЕ забележа раст кај вработените во јавната администрација. На минатите избори поддршката беше 9%, додека на овие избори околу 16% од администрацијата рече дека ќе гласа за ВМРО ДПМНЕ. Пензионерите, околу 15% на овие избори гласаа за ВМРО ДПМНЕ, а на минатите избори околу 10 отсто. Исто така се забележува раст и кај студентите. И увидувајќи го ова, ВМРО ДПМНЕ да неречам имаше одредени ,,субвенции“ за студентите, за пензионерите имаше зголемување на пензиите, покачување на платите за администрацијата, и тука тие ја обезбедија и ја направија таа разлика во однос на минатите избори. На минатите избори разликата меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ беше 16 со 21%, додека на овие избори разликата беше околу 11 со 30%, за пред изборите да падне на 27%.

Според ова што сега го рековте, економската состојба била најзначајна за граѓаните. Тргнувајќи од ова, не очекувате бојкотот на опозицијата на Собранието да вроди со плод, односно да го подигне нејзиниот рејтинг?

Мислам дека нема да и донесе многу поени, за претстојните локални избори, доколку опозицијата за тоа ,,собира поени“. Мислам дека многу посериозно може да се спротивстави доколку се наоѓа во Собранието. Тука е местото каде што може да се спротивстави, да ги елаборира своите ставови и да се спротивстави отворено на политиките на владата. Во оваа констелација на односи каде што актуелната коалиција има мнозинство, од повеќе од 80 пратеници, многу е мал ефектот доколку го напуштите Собранието. Напротив доколку останат во Собранието, доколку дискутираат по различни прашања, затоа што ние во овој момент знаеме дека опозицијата се спротивставува на носењето на Деловникот, но точно по кои прашања се спротивставува не знаеме, бидејќи немаше дебата. Тука можеме да кажеме дека и власта има своја вина, зошто го постави на гласање Деловникот во моментот кога опозицијата го напушти Собранието, меѓутоа тоа е само еден пластичен пример како може да се спротивставите доколку сте на местото на настанот, доколку сте надвор од Собранието, незнаеме каква е дебатата која би се водела меѓу власта и опозицијата.

Може ли да се зборува за некој клучен потег кој што би ја вратил опозицијата ,,на нозе“?

Мислам дека тоа во овој момент е многу тешко да се предвиди тоа, затоа што конкретно ако зборувате за СДСМ, мислам дека оваа партија треба да се престои внатре во своите партиски редови. Значи СДСМ во ниту еден момент не се отвори како партија за да влезе ,,свеж воздух“ и да дише одвнатре, значи да се реинкарнира, да се обнови.
XS
SM
MD
LG