Достапни линкови

Се надеваме дека наскоро ќе биде одобрено наименувањето на новиот амбасадор во Македонија


Се надеваме дека наскоро ќе биде одобрено наименувањето на новиот американски амбасадор во Македонија. Ова на редовната прес конференција во Вашингтон го изјави портпаролот на Стејт Департментот Гонзало Гаљегос, повторувајќи дека американската политика во врска со името на Македонија останува непроменета.

Портпаролот на Стејт Департментот Гонзало Гаљегос на вчерашниот брифинг потврди дека наименувањето на Филип Рикер за нов американски амбасадор во Македонија е задржано во сенатскиот комитет за надворешни односи, но оти наскоро би можело тоа да биде одобрено:

,,Според моите сознанија, неговата номинација се уште е одложена. Да се надеваме дека во блиска иднина номинацијата ќе биде одобрена. Веруваме дека најдобар начин за комуницирање со тамошната влада е преку наш претставник, односно амбасадор во таа земја."

Изјави портпаролот Гаљегос во врска со наводите дека двајца сенатори во Комитетот за надворешни односи го задржале предлогот на администрацијата на претседатлот Џорџ Буш, нов амбасадор во Македонија да биде Филип Рикер. Анонимни извори од овој Комитет за агенцијата Асошитед прес изјавија дека станува збор за републиканската сенаторка Олимпија Сноу и за демократот Роберт Мендез. Од нивните канцеларии пак одбиваат да ги коментираат ваквите наводи и не е јасно дали тие имаат намера да го блокираат наименувањето на Филип Рикер или едноставно само да го одложат. Извори во Конгресот велат дека кога неговата номинација дошла во Комитетот за надворешни односи имало поплава на телефонски повици од грчките организации во Соединетите држави кои барале од сенаторите да го натераат Рикер да одговори на некои дополнителни прашања. Сенаторите, како што се додава, тоа можат да го прават и анонимно. Од друга страна, сенаторката Сноу испратила писмо до државниот секретар Кондолиза Рајс во кое се критикува администрацијата на Буш за одлуката од две илјади и четврта година да се признае Македонија под нејзиното уставно име. Во писмото од Рајс се бара да потврди дека американската администрација ја поттикнува Македонија да ги запре, како што се наведува, непријателските активности и пропаганда.

,,Јас го немам видено ова писмо. Како и да е, сакам да кажам дека нашата политика спрема Македонија и нејзиното име е многу добро позната и не е променета."

Изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Гонзало Гаљегос. Официјална Атина најави дека ќе спречи нејзиниот северен сосед да стане членка на НАТО и на Европската унија се додека не биде решен спорот со името.
XS
SM
MD
LG