Достапни линкови

Неизвесно е дали македонскиот парламент ќе продолжи да работи без опозиција


СДСМ вечерва, на Извршен одбор ќе одлучува дали да се врати во Собранието, откако го напушти минатата недела поради приведувањето на нејзиниот потпретседател Зоран Заев, велат неофицијални извори од партијата. Оттаму за сега не сакаат ништо да коментираат. Извршниот одбор на нивниот коалициски партнер ЛДП пак викендов ја потврди одлуката да не учествуваат во работата на собраието. Во меѓувреме, пораката којашто стигна до нив од Брисел не е охрабрувачка. Ги повикуваме сите парламентарни партии да го заземат нивното место во парламентот и да учествуваат во политичкиот дијалог, со цел да помогнат да се постигне консензус во сите области од национален интерес, изјави портпаролот на ЕК Кристине Наѓ. Андреј Жерновски од ЛДП вели дека на овој потег се одлучиле, поради тоа што не сакаат, како што велат, да бидат декор во сценариото на владеачкото мнозинство

„Прашањето зошто опозицијата не е во парламентот треба да се постави пред владеачката коалиција. И ДУИ влегува во филмот на ВМРО ДПМНЕ и тие го поддржаа деловникот. Но треба да се види што власта презема за да воспостави дијалог којшто одамна го нема. Додека тоа не се случи ние нема да влеземе во Собранието.“

Од ДУИ, партијата која е дел од владеачкото мнозинство, велат дека одговорноста за лошата слика која ја остава земјава во очите на меѓународната заедница е заедничка – и на власта и на опозицијата:

„Граѓаните ни го дадоа гласот да ги браниме интересите на земјата, да работиме во интерес на граѓаните. Така што, одговорноста треба заедно да ја сносиме,“

вели Рафиз Алити и додава дека потегот на нивната партија пред две години да го бојкотира Собранието, не може да се споредува со одлуката на сегашната опозиција:

„ДУИ ги доби изборите. А, сегашната опозиција ги изгуби изборите.“

Опозицијата треба да се врати во собраниските клупи, затоа што таму може да ги остварува своите барања, смета политикологот Владимир Божновски:

„Опозицијата може да ги артикулира барањата во парламентот, надвор не може ништо. Во парламентот може да се борат институционално за одредени теми и барања, а вака не може никако.“
XS
SM
MD
LG