Достапни линкови

Лошо е тоа што најголем дел средства се за тековна, а не за капитална потрошувачка, велат економисти


Усвоениот ребаланс на буџетот упатува на тоа дека годинава ќе ја дочекаме со инфлација поголема од планираната и уште посиромашни, ги коментира најавите на владата дека со ваквиот буџет би делувала анти инфлаторно, професорот Ванчо Узунов. Како аргумент кон ваквата прогноза ги наведува најавите дека повеќето од приходите би се користеле за тековна, наместо капитална потрошувачка:

„Фактички владата отворено кажува дека намена да ја користи фискалната политика, како дел од инструментите, покрај монетарната политика, во согласност со монетарната политика, како средство за намалување на инфлацијата,“

објаснува професорот Узунов.

Од друга страна, висината на буџетот, од речиси 2,5 милијарди евра, кој се смета за најголем до сега, е постигнат токму поради инфлацијата, додава Узунов:

„Не доаѓа тоа поради намалените приходи, па некој штедел. Расходите тие што биле планирани, туку приходите се поголеми, а тие се поголми затоа што се наплатувале даночни стапки врз поголеми износи на цени, повисоки цени заради инфлацијата.“

Доколку ваквиот буџет е наменет за сузбивање на инфлацијата, тој треба да генерира повеќе приходи, а трошењето на буџетот треба да се ограничува и тоа да биде насочено единствено кон надомест за плати и нормално функционирање на државната администрација и за капитални инвестиции, коментира професорот Зоран Ивановски. Доколку се насочи кон капитални инвестиции, вели тој, ваквиот буџет може да внесе импулс за развој на бизнис секторот во државава:

„Тоа е оној сегмент кој обезбедува бизнис клима, она што дава шанса за развој на бизнис секторот во Република Македонија. Доколку инвестициите се насочени во капитални инвестиции, тогаш може да донесе овој буџет и импулс за натамошен развој на Република Македонија,“

вели Ивановски.

Во состојба кога нема зголемување на потрошувачката по други основи, владата посегнува по овој модел на загревање на економијата, коментира Ивановски. Узунов сепак таквиот пораст го смета за номинален, во услови кога инфлацијата би била поголема.
XS
SM
MD
LG