Достапни линкови

Наскоро цела Европа би можела да биде загрозена од иранските проектили


Додека Иран во два наврати неделава изврши тестирање на ракети од среден и долг дострел, генералот на американската Агенција за противракетна одбрана Хенри Оберинг предупредува дека наскоро цела Европа би можела да биде загрозена од иранските проектили. До неговото предупредување доаѓа по неодамнешното потпишување на контроверзниот договор меѓу Соединетите Држави и Чешка за разместување на американскиот антиракетен систем на чешка територија, за заштита од евентуални напади од Иран.

Неделава Иран во неколку наврати изврши тестирање на проектили со среден и долг дострел кои ,,би требало да одговорат на заканите од Соединетите Држави и Израел.“ Државната иранска телевизија јави дека во рамки на маневрите во Персискиот Залив било извршено тестирање и на новата верзија на ракетата Шахаб Три која може да погоди цели одалечени две илјади километри. Американскиот генерал Оберинг во интервју за иранскиот сервис на Радио Слободна Европа – Радио Фарда, предупредува дека наскоро Иран би можел да ја погоди било која земја во Европа:

„Имаме индиции дека тие ќе постигнат се поголеми и поголеми цели. Верувам дека ќе бидат во состојба да достигнат цели во цела Европа во наредните две до три години. Зошто го прават тоа? Ако се загрижени само поради можноста за евентуален регионален конфликт со Израел, зошто го прават тоа за цела Европа.“

посочува Оберинг. Тој исто така прашува зошто доколку Иран е загрижен само од регионални закани, развива проектили кои би имале дострел и надвор од границите на регионот како ракетата Шахаб Три:

„Кога ќе постигнете дострел од две илјади километри тоа е повеќе од потребниот дострел при евентуален регионален конфликт со Израел. Сигурно со ракета која има и многу помал дострел од тоа, со капацитет од само о 1 300 километри, би можеле да погодите повеќето од американските бази во регионот. Тоа го прави бесмислено посочувањето на регионалниот контекст во развојот на оружје со се поголем дострел. Затоа сметам дека беше неодложно потребно потпишувањето на договорот со Чешка за разместување на дел од американскиот антиракетен систем на територијата на оваа земја и ќе продолжиме да ги развиваме тие можности.“

Американскиот генерал Оберинг предупредува дека со развивањето на уште пософистицирани ракети, а при отсуство на каква било против ракетна одбрана, Иран еден ден ќе биде во можност да го промени стратегискиот баланс во Европа. Затоа додава тој е потребна изградбата на овој антиракетен систем. Инаку иранското ракетно тестирање доаѓа во период на зголемени тензии со западните земји околу нуклеарната програма на земјата.
XS
SM
MD
LG