Достапни линкови

Забрзувањето на преговарачкиот процес е во интерес на Македонија, оценува Мерсел Биљали


По вчерашната координативна средба на македонскиот државен врв, извесно е дека разговорите за името продолжуваат. Неофицијално до крајот на неделава во Њујорк ќе патува македонскиот преговарач Никола Димитров и шефот на кабинетот на премиерот Мартин Протуѓер. Веднаш потоа се очекува медијаторот да има одвоена средба и со грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.

Експертите се надеваат дека новата влада која неделава треба да биде и официјално формирана, ќе ги интензивира преговорите за името. Во интерес на земјава е да го забрза преговарачкиот процес, за да не ја пропуштиме шансата за влез во меѓународните организации. Последиците би можеле да бидат неповолни за иднината на земјава, вели проф. Мерсел Биљали

„Мислам дека ако не се реши прашањето за името во наредните три четири месеци, најверојатно ќе го прокоцкаме НАТО. Тогаш многу работи може да се префрлат во друга насока, односно, исфрлање од процесот и чекање уште неколку години што би значело враќање на ситуацијата назад.“

Биљали не очекува дека новиот партнер од албанскиот политички блок во владата, Демократската Унија за интеграција, ќе ја промени македонската позиција во однос на ова прашање.

„Условно кажано македонскиот дел е тој кој треба да предничи во однос на решавање на проблемот. Јас мислам дека новата влада е многу свесна дека треба да го забрза процеосот.“

Пред неполни две недели Нимиц дојде во Скопје, но и покрај информациите во јавноста дека донел нов предлог, тој јавно тоа не го потврди. Иако призна дека недоразбирањата меѓу македонската и грчката страна не се надминати, изрази надеж дека постои волја и од двете страни штоп побрзо да се дојде до решение. Македонија денеска нема да потпише протокол за пристапување во НАТО.

Поради нерешениот спор за името со Грција, таа го пропушти и денешниот датум, 9 јули како краен рок во кој заедно со Албанија и Хрватска можеше да ги потпише пристапните протоколи.
XS
SM
MD
LG