Достапни линкови

Европска интеграција и економски просперитет


Европска интеграција и економски просперитет. Тоа, според аналитичарите, ќе бидат приоритетите на новата влада на Србија која синоќа беше изгласана во парламентот. Меѓу нејзините предизвици главни ќе бидат соработката со Хашкиот трибунал и Косово. Властите во Приштина пак, се надеваат дека новата српска влада ќе ја признае косовската независност.

Програмата на кабинетот на Мирко Цветковиќ не се разликува многу од претходната што само пред една годсина го изнесе тогашниот мандатар Воислав Коштуница. Она по што се разликува е составот на владата и сега наместо министрите од партијата на Коштуница седат оние на социјалистите.

„Целта на владата е со забрзани економски и други реформи кон крајот на оваа или во почетокот на идната година Србија да добие статус кандидат за влез во Европската Унија. Исто така владата повторно ќе иницира преговори со претставници на косовските албанци за изнаоѓање обострано прифатливо решение.“

Изјави во српскиот парламент премиерот Мирко Цветковиќ. Тој всушност не се најде во критиките на Српската радикална партија и Демократската партија на Србија, туку неговиот предлагач шефот на државата Борис Тадиќ.

„Сите велат дека мандатарот нема авторитет. Го нема, но на Борис Тадиќ не му е потребен човек со авторитет.“

„Оваа влада не ја составувал мандатарот, туку ја составувал Борис Тадиќ во консултации со Мантер, Вудсворд.“


Изјавија претседателот на радикалите Томислав Николиќ и Милош Алигрудиќ од Демократската партија на Србија. Политичките аналитичари пак сметаат дека новата влада, без оглед на нејзиниот променет состав, ќе ги има истите предизвици како и претходната на Коштуница.

„Вистински предизвик на оваа влада нема да биде само Хаг, туку и политиката околу Косово. Мислам дека колку што ќе минува времето, толку ќе доѓаат до израз спротивставените погледи во самата влада за иднината и статусот на Косово.“

Вели политичкиот аналитичар Вук Станковиќ. Епак, властите во Приштина очекуваат од српската влада да ја прифати новата реалност на Косово:

„Бидејќи е проевропска очекуваме да има нов пристап во консолидирање на односите и прифаќање на независноста што ќе биде од интерес за стабилноста на регионот.“

Изјави заменик премиерот Рам Манај. За разлика од него од косовската опозиција се скпетични и оти во Србија нема да има промена во пристапот спрема прашањето за Косово:

„Српската политика постојано беше заснована врз минатото и врз условите кои влијаат таа да не биде променета. Затоа и оваа влада со предложеното министерство за Косово, јасно покажува дека нема промени на таа политика.“

Оценува потпретседателот на Алијансата за иднина на Косово Ахмет Исуфи.
XS
SM
MD
LG