Достапни линкови

Можни се тензии во владата кога партнерите спротивно ги толкуваат договорите, оценуваат експертите


Не постојат недоразбирања, туку само различни толкувања на она што го договорија лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ, Али Ахмети.
Вака од Демократската Унија за интеграција ги објаснуваат различните верзии за прашањата за кои била постигната согласност меѓу двете страни. Вчера Џевад Адеми од оваа партија изјави дека за законот за полицијата и употреба на знамињата не било разговарано.

„Двајцата лидери во начелното договарање за платформата на владата на Република Македонија не расправале за оваа тема.“

Денеска пак, од ДУИ велат дека за тие прашања било разговарано и била постигната согласност да не се отвораат во скоро време. Согласност била постигната и околу прашањето за присоединување на Кичево со околните претежно албански општини општини, што се пролонгира за уште четири години. Исто така договорено било законот за јазикот да се решава во рамките на Уставот и во духот на Охридскиот рамковен договор, а прашањето за жртвите од конфликтот во рамките на постоечките закони.

Од ВМРО-ДПМНЕ не беа достапни за коментар. На неодамнешната прес конференција тие соопштија дека во овој мандат нема да се дискутира за законот за употреба на јазиците и законот за полиција, но и дека нема да има отворање на други прашања со етнички предзнак.

Сепак според аналитичарите политичката клима во земјава покажува дека консолидацијата на меѓуетничките односи останува голем проблем.
Симтоматично е кога и едниот и другиот коалиционен партнер во новата влада сосема спротивно ги интерпретираат договорените работи, посочува политикологот Жидас Даскаловски

„Постои можност таа влада да биде постојано во тензија, којашто нема да биде продуктивна, којашто ќе биде лоша за спроведувањето на реформите и законите.“

Даскаловски меѓудругото посочува дека ваквата ситуација најверојатно е резултат и на тоа што внатрепартиските структури во најголемата владејачка партија се затечени од одлуката на Груевски да го земе Али Ахмети како коалиционен партнер, наместо досегашниот традиционелен партнер Мехдух Тачи.

„Меѓутоа, работата на лидерот е да донесува одлуки коишто се против мислењето на членството или средната хиерархија.“

Мандатарот Груевски најдоцна до 12 јули треба да ја достави програмата и персоналниот состав на новата влада, а во рок од 15 дена собранискиот спикер треба да закаже собраниска седница за избор на владата.
XS
SM
MD
LG