Достапни линкови

Македонија на 50 место на најдобри земји за бизнис


Македонија се најде на пеесетото место на годишниот список на Најдобри земји за бизнис што го објавува списанието Форбс, а во кој се вклучени сто дваесет држави во светот. На прво место на анализата чиј фокус е ставен врз степенот на личните слободи и слободниот пазар, е Данска.

Што имаат заедничко Лего коцките и Адам Смит, политички економист од осумнаесетиот век. Сите покажуваат зошто Данска е најдобрата земја за бизнис во светот. ,,Она малку што е потребно да се доведе земјата од најнизок варваризам до висок степен на изобилство се мир, мали даноци, толерантна администрација и правда. Се другото ќе си дојде по природен пат на работите,, има речено Адам Смит уште во половината на осумнаесетиот век. Ако има некој систем кој го спроведе ваквиот рецепт на Смит тогаш тоа е данската економија која претставува микс на ниска инфлација и даноци, мала невработеност и развиено претприемништво. Ваквите квалитети комбинирани со високи оценки за иновативност и технолошки развој ја ставија Данска на првото место на списокот што веќе трета година го објавува Форбс за најдобрите бизнис земји во светот. На второ место во анализата фокус е ставен врз степенот на личните слободи, како правото да се учествува во слободни и фер избори, или слобода на изразување и организирање, комбинирано со економските политики кои го поддржуваат слободниот пазар, е Ирска која од минатиот список бележи нагорна линија од девестнаесет места. Истата трета позиција како лани ја задржа Финска додека Соединетите Држави се на четвртото место. Македонија е на пеесетото место. Притоа, меѓу другото, се оценува дека во земјата се одржува макроекономската стабилност со ниска инфлација, но оти досега, и покрај широките реформи во бизнис секторот, се заостанува во привлекувањето странски инвестиции и во отворањето нови работни места. Во извештајот на Форбс се додава дека невработеноста и натаму е скоро триесет и пет насто, но оти можеби таа бројка е пренагласена со оглед на сивата економија. Таа, според проценките, е повеќе од дваесет насто од бруто домашниот производ. Од другите земји во регионот Романија е на четириесетото, по неа следат Турција, Хрватска и Бугарија. Грција е на пеесет и третата, додека Босна и Херцеговина на сто и првата позиција на листата од сто и дваесет земји.
XS
SM
MD
LG