Достапни линкови

Елемент што ќе ги стимулира инвеститорите, сметаат експертите


Економските експерти ја поздравуваат новината во вчера усвоениот закон за градежно земјиште со која се дозволува сопственик на државно земјиште да бидат странски државјани или компании. Ова велат дел од експертите, ќе ја отстрани една од најголемите пречки поради која повеќето странски инвеститори не се одлучуваа да дојдат на македонскиот пазар.

„До сега имавме ситуација кога објектите и бизнисите беа во нивно владение, додека земјиштето не беше,“

изјави проф. Зоран Ивановски од Европскиот Универзитет во Скопје
Токму регулираното право на сопственост е гаранција за успешен бизнис се согласува и проф. Петрит Положани од Тетовскиот Универзитет.

„Инвеститорите баш тука доаѓаат до пречка. Сега со ова најверојатно ќе биде еден од елементите што ќе ги стимулира инвестициите.“

Покрај тоа што ваквата одлука ќе придонесе за економскиот раст и развој во земјава, во следниот период може да се очекува и зголемување на цените на недвижностите, предупредува Ивановски

„Присутни се во Република Македонија различни агенции и претставништва. Познато е дека тие се заинтересирани да остварат сопственост на имот. Ова пак, може да предизвика и подгревање на цената на недвижностите во Република Македонија, но генерално гледано во однос на бизнисот сметам дека ќе предизвика позитивни ефекти.“

Новиот закон овозможува градежното земјиште да се дава под долготраен и краткотраен закуп, како и под концесија. Ново е тоа што минималната граница на траењето на долготрајниот закуп е пет години, а максималната 99.

Државното градежно земјиште може да се дава под концесија на домашно или странско правно лице, доколку намената е поврзана со некоја дејност од општ интерес. Градот Скопје и општините добиваат право на долготраен закуп без надомест на градежно земјиште, заради извршување на функциите и работите што се во нивна надлежност.
XS
SM
MD
LG