Достапни линкови

Потребен е договор меѓу коалициските партнери за подоцна да нема уцени, сметаат експертите


Разговорите за составувањето на владата продолжуваат со денешната нова рунда разговори на мандатарот Груевски со лидерите на ДУИ и на ДПА. Извори во владата велат дека усогласувањето сеуште е на ниво на принципи и програми. Пред стартот на новите разговори на кои ќе се разгледуваат позициите и барањата од ДУИ изјавија дека мислат оти се шпекулативни гласините дека разликите во позициите во договарањето за составот на идната коалиција се големи. Финалната одлука околу составот на новата влада нема да се чека уште многу долго. Уставниот рок е 12ти овој месец. Професор Лидија Христова, од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања вели дека е легално мандатарот до крај да го искористи рокот.

„Дали постојат објективни причини за чекање на крајниот рок, јас не би можела да ви одговорам. Значи, прашањето би лежело во тоа колку се успешни преговорите за вклучување на партиите на Албанците во новата влада.“

Би било најдобро однапред да се договорат сите прашања меѓу коалициските партнери. За подоцна, во текот на функционирањето на владата, да нема отстапки или уцени кои би ги закочиле политичките процесли, вели Христова:

„Бидејќи се работи за албанскиот партнер пред се, којшто обично има агенда која е насочена на етнички прашања во процесот на споделување на власта што често се толкува широко и сега би било најдобро и единствено исправно за да може да функционира владата однапред да се договорат сите тие работи. Да нема после во текот на функционирањето на владата отстапки и уцени, како кој тоа го сфаќа.“

Секоја партија која влегува во владата има задачи пред електоратот кои ги ветила, вели професорот Осман Кадриу. Според него, во функција на остварувањето на програмата на новата влада, претходно би можело да се размислува и дека секоја партија при влегувањето со премиерот би требало да има некаква спогодба во врска со остварувањето на целите:

„И во писмена форма за определени задачи кои треба да се реализираат во текот на овој мандат. Тоа е и еден од условите кога и другата партија влегува во владата да се остварат одредени цели коишто таа ги има. И тие цели може да бидат и клучно прашање и критериум за коалицирање.“
XS
SM
MD
LG