Достапни линкови

Македонскиот државен врв останува на истата позиција во однос на името


Во очекување на утрешната посета на посредникот на ОН, Метју Нимиц и американскиот заменик помошник државен секретар Розмари Ди Карло македонскиот државен врв останува на истата позиција во однос на прашањето за името, односно дека Македонија е отворен партнер во преговорачкиот процес, но дека нема да прифати компромис по која било цена. Неодамна претседателот Бранко Црвенковски изјави дека потребно е да се направат мали отстапки од тврдата позиција за двојната формула доколку сакаме да дојдеме до побрзо решение на спорот. Премиерот Никола Груевски пак деновиве изјави дека за едно вакво прашање не може да се игнорира мислењето на граѓаните. Грците изјавија дека нема да потпишат документ за решение за името кој подоцна ќе оди на референдум во Македонија.Ниту ние ќе потпишеме документ со кој го решаваме проблемот со Грција околу името пред тој да биде изнесен на референдумско изјаснување, изјави Груевски во интервју за МИА. Тешко дека со ваквите спротиставени позиции и во однос на името и прашањето за референдум можеме да дојдеме до решение, анализараат домашните експерти.

„Компромисот е дел од нашиот секојдневен живот, меѓутоа по ова прашање се поставува дилемта дали другата страна има желба за компромис и дали навистина има искрена намера за договор. Јас искрено си го поставувам прашањето во искреноста на намерите на Грција да се постигне договор кој ќе понуди излез од оваа ситуација.“

изјави проф. Лидија Георгиева од Филозофскиот факултет. Во оваа насока аналитичарите се сомневаат оти посетата на двајцата американски дипломати ќе донесе сериозен напредок во преговорите. Интересно е што Нимиц прво оди во Атина, што укажува на тоа дека сака да се консултира со грчката страна за некој нов предлог, вели Јана Лозановска, експерт по меѓународни односи.

„Иако тој се потрудил да донесе еден сериозен предлог за страните, мислам дека нема да се случи, бидејќи Грција не отстапува од своите ставови, Македонија се ,,тетерави“ да речам, незнае што да прави, така да некој пресврт не очекувам.“

Пред денешната посета на Нимиц во Атина, грчката министерка Дора Бкојани изјави дека дека Атина ќе бара од Македонија да ја промени реториката и однос јужниот сосед, но во истовреме да покаже поголема конструктивност за да се најде компромисно решение. Според најавите пак и од Ди Карло се очекува да побара поголема кооперативност од политичките структури во земјава за што побрзо решавање на спорот.
XS
SM
MD
LG