Достапни линкови

Неофицијално составот на новата влада на Србија е одреден


Составот на новата влада на Србија што го договараа Листата за европска Србија и коалицијата собрана околу Социјалистичката партија веќе бил одреден, неофицијално се дознава во двете страни. Првата можност да се потврдат ваквите наводи е денешното продолжување на конститувната седница на собранието на Србија на која, за негов претседател, според договорот, треба да биде избран некој од социјалистите. Мислењата се поделени околу тоа дали лидерот на демократите Борис Тадиќ и дал премногу на Социјалистичката партија.

На социјалистите, покрај местото претседател на парламентот им биле дадени и функцијата заменик премиер, како и ресорите, полиција, енергетика и просвета. Дури и некои членки на тадиќевата Листа за Европска Србија оценуваат дека станува збор за претерани отстапки, поткрепувајќи го тоа со фактот што претходно социјалистите, по договорот со радикалите за градската власт на Белград, беа на чекор и до заедничко формирање на републичката влада. Сепак тие додаваат дека ќе гласаат за нив само со цел да биде формирана новата влада на Србија. Некои аналитичари пак сметаат дека она што Тадиќ сега им го понуди на социјалистите личело на минатогодишната завршница на преговорите за тогашната валада кога лидерот на Демократската партија на Србија Воислав Коштуница им го препушти премиерското место. Тоа е премногиу со оглед на реалната сила на социјалистите во парламентот, но нивната позиција да решаваат за судбината на идната влада им овозможува да добиваат и повеќе од она што им следува, според изборните резултати:

„Втора работа, која е веројатна во тие калкулации е фактот што големите отстапки на републичко ниво всушност се со цел да се наведат социјалистите да го преиспитаат нивниот ангажман околу управувањето со Белград.“

Вели политичкиот аналитичар Дејан Вук Станковиќ. Освен самите изборни резултати кои на Социјалистичката партија и даваат позиција да не може да направи влада без неа, во преговорите со коалицијата на Тадиќ, според новинарот Драган Бујошевиќ, требаше да се надмине и одредениот антагонизам на социјалистите со демократите.

„Секоја цена за која се согласувате да ја платите е реална. Одите на пазар и имате јаболка од сто, двесте, триста динари. Ако ги купите оние од триста некој ќе ви каже дека тоа е претерана цена. Е па не е, ако ги сакам.“

Бујошевиќ наведувајќи дека станува збор за политичка спогодба и оти таа чини толку колку си подготвен да дадеш, додава дека во спротивно на Тадиќ му преостануваше распишување нови избори или пак да препушти социјалистите да формираат влада со радикалите.
XS
SM
MD
LG