Достапни линкови

Европската Комисија, а не Франција игра важна улога за добивањето датум за преговори


Една од најважните цели на Македонија годинава е да добие датум за преговори со Унијата. Ќе направиме се што можеме да ви помогнеме но, не е Франција таа што игра важна улога во овој процес, туку Комисијата. Вака амбасадорот на Република Франција во земјава, Бернар Валеро оговара на прашањето како неговата земја како иден претседавач со Унијата може да и помогне на Македонија во приближувањето кон ЕУ?

„Најпрво мислам дека можеме да помогнеме ако потсетиме дека Македонија нема план Б, туку само план А, а тоа е еден ден да стане дел од европското семејство. Но, не е Франција таа што ќе игра важна улога во овој процес, туку Комисијата. Таа на крајот на октомври и на почетокот од ноември ќе го објави годишниот извештај во кој или ќе има или нема да има препорака за почеток на преговорите.“

вели Валеро во интервјуто за радио Слободна Европа што ќе се емитува во недела.

Домашните експерти не се оптимисти дека француското претседавање со Унијата ќе го олесни евроинтегративниот процес, особено по ирското не, на Лисабонскиот процес.

„Очигледно дека процесот ќе продолжи. Но, повеќе на декларативно ниво, што не значи дека нашиот дел од работата не треба да ја завршиме,“
изјави Звонимир Јанкуловски, поранешен амбасадор во Стразбур

Ситуацијата дополнително ја комплицираат изјавите на францускиот претседател Никола Саркози кој во своите јавни настапи отворено ја изрази поддршката кон Грција, посочува проф Хасан Јашари од Штуловиот Универзитет

„ЕУ си има свој начин на работа и начела. Ќе зависи од нас самите како ќе пристапиме кон реформите.“

На 1 јули Словенија заминува од функцијата претседавач со Унијата. Во изминатите шест месеци, Словенија покажа јасна и отворена поддршка за нашата земја, и тоа треба да го почитуваме, советуваат експертите.

„Да бидеме реални се работи за клуб во кој не сме ние, кој функционира на одредени параметри, така што и моќта на Словенија да го промени целиот тој концепт не е голема меѓутоа она што го прави е од исклучителна почит.“

изјави Јанкуловски.
XS
SM
MD
LG