Достапни линкови

Според експертите Груевски сега е во многу поповолна позиција во преговорите за избор на партнер


Во ВМРО ДПМНЕ се анализира ситуацијата и се прават проценки на сите можни опции пред да се донесе одлука за идниот коалиционен партнер од албанскиот блок откако веќе е јасна сликата за освоените мандати по прегласувањето. Во оваа партија ни изјавија дека за секоја одлука ќе бидат консултирани сите партнери од коалицијата За подобра Македонија, и оти ќе бидат запазени сите уставни рокови за формирање на владата. Во ДПА која според резултатите соопштени од ДИК освои 11 мандати, наспроти 18-те освоени за ДУИ, втор ден молк околу нивното евентуално учество во владата. Во ДУИ пак повторуваат дека ја чекаат поканата за коалиционо владино парнтерство од Груевски. Се надеваме дека мандатарот извлече поука од 18 месечната перманента криза, истакнува Агрон Буџаку од оваа партија.

,,Една влада без легитимитет од втората најголема заедница неможе да функционира, во смисла на справување со перманентната криза што траеше 18 месеци.“

Изјавува Буџаку. Следи тежок период во кој ќе треба успешно да се ,,изменаџираат„ реакциите на незадоволство од онаа партија од албанскиот блок која нема да добие покана за учество во владата, посебно имајќи го во предвид стратешкото партнерество кое трае од 98-та година меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДПА, коментираат пак експертите. Но, како и да е Груевски е во многу поволна ситуација поради големиот број освоени мандати, вели аналитичарот Хисен Рамадани:

,,Тој сега неможе да биде условен, сега нему не му е нужно. Тој сега може да се постави во улога на ,,арбитер“ кој што ќе условува во смисла, ако сака некој во владата тогаш треба да ги прифати ,,овие и овие“ нешта.“

За можноста која се посочува во медиумите за формирање на кохабитациона влада односно и двете албански партии да бидат поканети во владата Рамадани вели:

„Знаете кога се работи за власт, се е можно.“

вели Рамадани. Веќе во петок најверојатно ќе биде конституирано новото Собрание. Државната изборна комисија соопшти дека повторно ќе има прегласување во четири изборни места, на едно во Желино и на три места во Голема Речица. Освен на овие места до денеска до 19 часот истекува рокот до кој партиите можат да достават приговори до Државната изборна комисија на процесот на прегласување од неделата:

„ДИК има рок од 48 часа да донесе решение, а потоа поднесителот на приговорот има право на жалба до Врховниот суд.“

изјавува Зоран Таневски портпарол на ДИК.
XS
SM
MD
LG