Достапни линкови

Аналитичарите очекуваат грчко тактизирање додека не биде познат ставот на албанските партии за името


Без какви било реакции од македонскиот државен врв по вчерашната рунда преговори за името во Њујок. Од кабинетот на претседателот Црвенковски не коментираат додека не се врати македонскиот преговарач Димитров, кој треба прециозно да соопшти како протекла средбата со Нимиц.
И од македонската влада немаат коментар. Информациите во јавноста дека последната средба била исклучително тешка за нив се нелогични. Не може да кажете дека токму сега преговорите се најтешки, ако се знае дека ова прашање се решава 15 години, велат владини извори.

Според некои аналитичари пак, евентуалното отежнување на преговарачкиот процес се должи на цврстата позиција на македонската влада, односно нема промена на уставното име без референдум.

„Позицијата на македонската влада беше јасна уште пред изборите. Таа е – нема промена на уставното име и нема никаква промена без референдум. Таквата промена која оваа влада може да ја оствари бидејќи има доволно мнозинство ја изменува досегашната атмосфера,“

изјави аналитичарот Слободан Чашуле

Несомнено е дека во последниот период, Грција го забавува преговарачкиот процесот, се согласуваат експертите.

„Има индикации дека Македонија и да биде заинтересирана за некои отстапки Грција ќе се обиде да го задржи целиот процес и Македонија како заложник,“

смета проф. Ветон Љатифи од Универзитетот на Југоисточна Европа
Но ваквото тактизирање од грчка страна не може да потрае уште долго, вели Чашуле.

„Тие забавуваа чекајќи го исходот од изборите. Уште некое време ќе тактизираат да видат како ќе реагираат албанските партии кај нас и со која Груевски ќе коалицира. Кога тоа ќе се расчисти, Грците веќе немаат маневарски простор и ќе треба својата досегашна цврста позиција да ја аргументираат.“

Експертите посочуваат дека во следниот период Македонија мора да ги зацрвсти своите преговарачки капацитети и да ја искористи поддршката од Соединетите Држави.

„Треба сега да се покаже поголема спремност за компромиси. Влегуваме во фаза да го фатиме крајниот воз за покана за НАТО. Македонија има огромна америкснака поддршка особено од администрацијата на Џорџ Буш која треба да се користи.“

изјави Љатифи.

Инаку вчерашната средба на македонскиот и грчкиот преговарач со медијаторот Нимиц, завршила без нов предлог, но според изјавите на медијаторот со добри идеи на маса.
XS
SM
MD
LG