Достапни линкови

Се очекува усвојување декларација за глобалните односи и евроатлантското партнерство


Европската Унија и Соединетите Држави денеска во Словенија го одржуваат редовниот годишен самит. Се очекува да биде усвоена заедничка декларација за глобалните односи, евроатлантското партнерство и за актуелната ситуација во светот, во која ќе бидат вклучени и ставови за Балканот, Блискиот Исток и односите со Русија и Кина. Учествува и американскиот претседател Џорџ Буш на кој ова му е последната поголема посета на Европа пред да ја напушти Белата Куќа во идниот јануари.

Со започнатото одбројување на претседателствувањето на Џорџ Буш, односите меѓу Соединетите Држави и Европската Унија минуваат низ некарактеристична, не многу значајна фаза. Европските дипломати, како што самите велат, во врска со големите светски прашања, веќе се свретни кон оној што ќе влезе во Белата Куќа во јануари догодина, Џон Мекејн или Барак Обама. Тоа не значи дека на самитот во Словенија не се расправа на големи теми, туку дека резултатите од него нема многу да влијаат врз натамошните настани. Претседателот Џорџ Буш, пред неговото заминување на европската турнеја, веќе најави дека од европските лидери ќе побара да ја зголемат помошта за Авганистан, повеќе да го притиснат Иран и да ја интензивираат соработката во врска со климатските промени.

„Ќе ги потсетам нашите пријатели и сојузници дека ние сме премногу зависни од нафтата. Мора да работиме на нови техонологии кои ќе ни овозможат да ја надминеме таа зависност. Ќе разговарам и за нашата заложба за силен долар. Тоа е од интерес на нашата земја, но и на глобалната економија.“

Иако не ги спомна, тој со неговите европски колеги ќе разговара и за Косово и Грузија, но, како што оценуваат аналитичарите, и тука не се очекуваат поголеми промени со оглед на веќе добро етаблираните позиции на инволвираните страни. Според Тед Карпентер од вашингтонскиот Като институт, за овие прашање постојат големи разлики и меѓу Америка и Европа, но и со Русија. Брисел, по се изгледа, како што додава тој, ќе почека да види како претседателот Дмитриј Медведев ќе се однесува во иднина пред да заземе некакаков став за политиката на Москва, особено во врска со американските заложби во Грузија:

„Ова прашање на европските лидери не им изгледа премногу важно за да се конфронтираат со Русија. Иронично, но и претседателот Буш, а уште повеќе и сенаторот Мекекјн, се подготвени ова прашање да го направат од посебен приоритет, па и дипломатски да се судрат со Русија.“

вели Карпентер. Како и да е, имајќи наум дека Џорџ Буш има помалку од осум месеци пред да ја напушти функцијата, повеќето европски лидери веќе мислат на неговиот наследник. Затоа, на турнејата на Буш која ќе трае до шеснаесетти јуни и во текот на која ќе ги посети Германија, Италија, Ватикан, Франција и Британија ќе се разговара за многу прашања, но не се очекуваат позначајни резултати.
XS
SM
MD
LG