Достапни линкови

Настаните од 1 јуни ,,лоша реклама” за привлекување странски инвестиции


Инцидентите кои се случуваа за време на годинашниве избори не оставаат добар впечаток пред странските инвеститори, сметаат експертите:

,,Процесот на привлекување странски инвестиции е континуиран, во кој добивате и плусеви и минуси. Ова е настан кој ни дава минус, но веројатно претставува и поттик земјата да настојува да собере и што повеќе плусеви, особено на чисто економските полиња каде што може повеќе самата да ги контролира настаните и движењата,”

вели Михаил Петковски, професор од економскиот факултет и додава дека доколку повторените избори поминат во најдобар ред тогаш Македонија ќе ја поправи оваа слика пред странските инвеститори:

,,Тоа се сепак изолирани настани кои се и регионално концентрирани. Во најголемиот број изборни места немаше инциденти и во тој поглед тоа може да делува како позитивен сигнал за странските инвеститори, а ако се фокусираме само на овој настан, најдобро земјата може да се оправда ако виновниците за инцидентите ги сносат последиците соодветно на законот.”

И професорот од Тетовскиот универзитет Сеадим Џафери истакнува дека изборните инциденти негативно ќе се одразат на привлекувањето странски инвеститори:

,,Во овој момент веќе ние се соочуваме со еден поголем проблем, затоа што веќе нашата земја е центар за кризи, со што на некој начин не само што ќе се намалат странските инвестиции кај нас, туку ние сме жариште и за намалување на странските инвестиции околу нашите соседи. Подобрувањето на амбиентот за финансирање е важен фактор и за привлекување на потенцијален инвеститор,”

вели Џафери и додава:

,,Сликата е многу тешко да се поправи, затоа што Македонија се враќа назад, затоа што владеењето на една политичка партија на законодавниот дом на некој начин ги контролира сите односи во државата. Сепак, друго е кога се има добра соработка позиција опозиција, меѓутоа конструктивна соработка и на тој начин може да се надминуваат многу проблеми.”
XS
SM
MD
LG