Достапни линкови

Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација „Мост“. Очекуваме в недела пред полниќ да ги соопштиме резултатите од изборите


Во недела, на изборниот ден, граѓанската асоцијација „Мост“ ќе ги распореди своите набљудувачи на избирачките места во Македонија. Ќе стане ли збор за стандардниот број како и до сега и имате ли одредено места каде што ќе имате зголемено набљудување?

Методологијата по којашто функционираме во изминатите шест години, предвидува покриеност од 70 насто од вкупниот број на избирачките места во Република Македонија. Оваа методологија и овој концепт ни дава една квалитативна и квантитативна слика на процесот. Така што, во ниту еден од сегментите на нашето набљудување годинава, па ниту лани не отстапивме од методологијата, што значи дека нема места коишто се од посебен интерес, туку граѓанската асоцијација „Мост“ врши национално домашно набљудување на изборите, значи на територијата на целата држава, со еднаква застапеност на национално ниво, односно во сите шест изборни единици. Бројот на набљудувачите како и до сега ќе изнесува 3,500, распоредени на 70 проценти од вкупниот број избирачки места во Република Македонија.

Изборниот процес вообичаено налага ваша соработка со странските набљудувачки мисии. На какво ниво на денот на изборите и во пост изборниот период ќе биде нивото на оваа соработка со набљудувачката мисија на ОДИХР?

Самиот податок дека методологијата којашто ја аплицираме во Република Македонија е во согласност со меѓународните стандарди, истите предвидуваат интензивна соработка и комуникација со странските набљудувачки мисии за денот на изборите, па и во целото предизборие и после изборите. Што значи дека, со набљудувачката мисија на ОДИХР ќе бидеме и сме во константна комуникација. Спецификите на соработката ги налага изборниот ден. Значи, одредени нерегуларности, инциденти коишто се случуваат на избирачките места се дел од набљудувањето. Значи, таа комуникација се одвива на повеќе нивоа, почнувајќи од локално ниво каде што нашите регионални координатори се во константен контакт со долгорочните набљудувачи на ОДИХР, завршувајќи со централната канцеларија на „Мост“ од каде што се раководи целата наша операција и нивната централна канцеларија.

Пракса е „Мост“ пред полноќ да ги соопштува првите резултати од изборите. Кога може овој пат да се очекува да излезете со вашите проекции на сознанијата и со колкава точност?

Програмата за обработување на гласовите работи со маргинална грешка од минус еден до плус еден процент. Тоа беше случај и во 2006 година на изборите, кога имавме грешка од 0,4 посто од вкупната распределба на гласовите. Очекуваме некаде пред полноќ да излеземе со нашата проекција на сознанијата и да ги соопштиме резултатите.
XS
SM
MD
LG