Достапни линкови

Вести

Исламабад: Убиени двајца цивили и полицаец во северо западен Пакистан

Во два бомбашки напада во северо-западниот дел на Пакистан, биле убиени шефот на локалната полиција и двајца цивили. Инцидентите се случиле во реонот на градот Пешавар, во близина на границата со Авганистан.

види ги сите денешни вести

Проекции: Трамп победи и во Џорџија

Поддржувачи на Трамп во Џорџија.
Поддржувачи на Трамп во Џорџија.

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп победи и во сојузната држава Џорџија, пренесува Ројтерс според проекциите на „Едисон Рисрч“.

Џорџија е една од седумте држави кои се сметаат за одлучувачки за исходот во изборите, а во кои и Трамп и неговата ривалка, демократската кандидатка Камала Харис, имаа реална шанса за победа, според анкетите.

На изборите во 2020 година, демократот Џо Бајден победи во Џорџија која важи за сигурна републиканска држава освојувајќи предност пред Трамп со помалку до 12.000 гласа.

Оваа победа беше прва за демократски претседателски кандидат во Џорџија по речиси три децении.

Пребројување на гласовите во Џорџија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00

Претходно, според медиумските проекции, Трамп ја однесе победата и во Северна Каролина, уште една од седумте одлучувачки држави.

Џорџија и Северна Каролина носат по 16 електроски гласови.

Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.

За останатите пет одлучувачки држави Аризона, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин, проекции се очекуваат наскоро.

Трамп засега е во водство

Поранешниот претседател Доналд Трамп, републикански предизвикувач, и натаму има предност на претседателските избори во САД, со победи во повеќето традиционално републикански држави, вклучително и Северна Каролина, првата држава „бојно поле“ , стеснувајќи го патот до победата на демократите и нивниот кандидат, потпретседател Камала Харис.

Според неофицијалните проекции на американските медиуми, Трамп води пред Харис со 230 гласови од Изборниот колеџ наспроти 205 на Харис. 270 гласови од изборниот колеџ се потребни за да стане Трамп 47-ми претседател на земјата.

Малку по 20 часот, според локално време, најголемата држава - Калифорнија, со 54 електорски гласови, според проекциите, се изјаснила за Харис, како што се очекуваше, како и државата Вашингтон.

Но, клучните држави од битката - Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин - сеуште се неизвесни.

Републиканците ја освоија контролата над Сенатот

Конгресот на САД е дводомно тело во америкасниот систем - составен е од Сенатот и Претставничкиот дом.
Конгресот на САД е дводомно тело во америкасниот систем - составен е од Сенатот и Претставничкиот дом.

Со победите во Западна Вирџинија и Охајо, републиканската партија ја освои контролата над американскиот Сенат, јавува Ројтерс.

Покрај на претседателски, дел од гласачите ширум САД гласаат и за избор на нови членови на Конгресот, за гувернери, за составите на локалните парламенти и совети, а во некои сојузни држави се одржуваат и референдуми за одредени прашања, како што е правото на абортус.

Победата во трката за Сенатот значи дека републиканците ќе контролираат барем еден дом од американскиот Конгрес во наредниот период.

За Претставничкиот дом, кој во моментов исто така е под контрола на републиканците, пак, сè уште нема јасна слика која партија е во предност.

Доколку Доналд Трамп победи на изборите, контролата врз Сенатот значи дека тој ќе може да обезбеди поддршка за важни прашања, како што е назначувањето на конзервативни судии и други функционери во идната администрација на САД.

Доколку победи демократската кандидатка Камала Харис, пак, Сенатот кој ќе биде со републиканско мнозинство ќе може да блокира голем дел од нејзината агенда.

Трамп победил во Северна Каролина, според проекции

Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД.
Доналд Трамп, републикански кандидат за претседател на САД.

Републиканскиот кандидат и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп, победи во Северна Каролина, според проекциите на новинските агенции Ројтерс и Асошиејтед прес.

Северна Каролина е првата од седумте сојузни држави кои се сметаат за одлучувачки за исходот од претседателските избори во САД.

Таа носи 16 електроски гласови.

Трамп ја однесе победата во Северна Каролина и на изборите во 2016, кога ја победи Хилари Клинтон, но и во 2020 кога изгуби од Џо Бајден.

Од 1992 година, демократите успеале да победат во оваа сојузна држава само во 2008 година кога победи Барак Обама.

Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Аризона, Невада и Џорџија се останатите шест држави кои се сметаат за „одлучувачки“, но резултати оттаму сè уште се очекуваат.

Гласачките места во „одлучувачките држави“ се затворени, пристигаат првични проекции

Гласачко место во Пенсилванија.
Гласачко место во Пенсилванија.

Гласачките места во седумте „одлучувачки држави“ во САД, кои се очекува да го одредат и победникот на изборите, се затворени и се очекуваат резултатите.

Како клучни седум држави се сметаат Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Аризона, Невада, Џорџија и Северна Каролина.

Победникот во ниту една од нив сè уште не е прогласен, но за дел веќе има првични проекции.

Како што пренесува Ројтерс, повикувајќи се на проекциите од „Едисон рисрч“, на обработени 85,4% од гласовите во Северна Каролина, Трамп има 50,8% освоени гласови, а Харис 48,4%.

Во Висконсин, на 60% обработени, разликата е потесна. Трамп има 49,9%, а Харис 48,4%.

Првични проекции, новинската агенција пренесува и за Мичиген каде на 30% обработените гласови, Харис е во предност со 51,1% освоени гласови наспроти Трамп со 47,1%.

Во Пенсилванија, со 70,6% обработени, Трамп е во водство со 51%, додека Харис има 48% освоени гласови.

Во останатите сојузни држави, според проекциите на медиумите, резултатите се според очекуваното.

Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот.

Кој кандидат ќе победи во една сојузна држава, ги добива сите електорски гласови во неа.

Првиот што ќе стигне до 270 ќе биде идниот претседател на САД.

Во моментов, како што пренесува Ројтерс, Харис има обезбедено 165, а Трамп 211 електори.

Меџити: Нови 50 милиони евра за општините од Европската инвестициска банка

Изет Меџити, прв вицепремиер и министер за животна средина на Северна Македонија.
Изет Меџити, прв вицепремиер и министер за животна средина на Северна Македонија.

Нови 50 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка кои биле обезбедени, но не и искористени, ќе им бидат на располагање на општините, најави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

Тој рече дека во петок, на 8 ноември, сите 80 градоначалници се поканети на средба со премиерот на која ќе бидат информирани за средствата.

Меџити рече дека станува збор за пари добиени во времето на претходната власт, но досега не се реализирани, а се наменети за еколошки проекти, за хортикултурно разубавување на општините и за подземна инфраструктура - канализации, водоводи...

„Кредитот од Европката инвестициска банка е порано добиен, но откако дојдовме имаше нула реализација. Парите се веќе добиени, плаќаме и камата, но не се искористени“, рече Меџити во телевизиско гостување.

Со општините кои поминаа на огласот за доделување на државна помош за капитални инвестиции од парите од унгарскиот кредит беа потпишани 274 проекти за вкупно 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат за реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот

ЕУ го повика Косово без одлагање да формира Заедница на општини со српско мнозинство

 Петер Стано, портпарол на Европската унија (ЕУ)
Петер Стано, портпарол на Европската унија (ЕУ)

Европската унија (ЕУ) го предупреди Косово дека и по 11 години не ја исполни клучната обврска од дијалогот што се однесува на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово и го повика да го стори тоа без натамошно одлагање.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, ги потсети косовските власти дека секој предлог за Заедницата мора да биде разгледан со Србија и со ЕУ и да биде компатибилен со договорите од 2013 и 2015 година.

„Ова, исто така, значи дека Владата на Косово не може да подготви Статут на заедницата надвор од дијалогот (со Србија). Владата не може да се откаже од своите одговорности во рамките на дијалогот или да ги делегира на општините со мнозинско српско население“, вели Стано во писмена реакција до медиумите.

Ваквата реакција од Брисел доаѓа откако премиерот на Косово, Албин Курти, на 29 октомври изјави дека тој како шеф на владата не може да формира Заедница на општини со српско мнозинство. Тој рече дека формирањето на Заедницата не треба да се наметнува и дека Косово веќе има асоцијација на општини, мислејќи на Заедницата на општини на Косово.

Осврнувајќи се на Нацрт-статутот на заедницата што ЕУ го достави до двете страни во октомври 2023 година, Стано оцени дека станува збор за документ кој се заснова на добри европски модели и практики како и на косовската правна рамка.

Овој нацрт, потсети Стано, беше начелно прифатен од двете страни на средбата на високо ниво одржана на 26 октомври во Брисел, на која учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Означувањето на европскиот нацрт-статут само како „нон-пејпер“ го игнорира повикот на Советот на Европската унија да дејствува врз таа основа и дополнително ги одложува изгледите за негово усвојување, предупреди Стано.

„Жалиме што една година откако партиите начелно го усвоија документот, не е постигнат напредок во неговото воспоставување во согласност со Европскиот нацрт-статут. Во согласност со декларираната посветеност на дијалогот и целосното спроведување на сите договори од дијалогот, го покануваме Косово да продолжи со формирањето на Унијата без натамошно одлагање“, вели Стано.

Тој рече дека се очекува Србија заедно со Косово да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од Договорот за нормализација.

Косово и Србија се договорија за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово во 2013 година, а во 2015 година беше постигнат Договор за принципите за формирање на оваа Заедница. Минатата година тие го прифатија Договорот за нормализација на односите, а една од неговите точки бара на српската заедница во Косово да и се понуди одредено ниво на самоуправа. .

Во октомври 2023 година, претставниците на таканаречената „Големата петорка“ – Европската Унија, Соединетите Американски Држави, Франција, Германија и Италија – ѝ ги претставија на Косово и на Србија нацрт-статутот на заедницата, кој треба да го реши прашањето за позицијата на српската заедницата во Косово и да ги заштити правата на српската заедница.

Белград го ограничи движењето низ центарот на градот по несреќата во Нови Сад

Србија - Преминот Безистан во центарот на Белград, 5 ноември 2024 година.
Србија - Преминот Безистан во центарот на Белград, 5 ноември 2024 година.

Градските власти на Белград на 5 ноември го ограничија движењето на граѓаните низ дел од преминот Безистан во центарот на градот. Во делот каде на настрешницата се гледа дека дел од таванот е одвоен од таванот, преминот е ограден со лента.

Ограничувањето следува неколку дена по несреќата што се случи на 1 ноември во Нови Сад, кога се урна настрешницата на неодамна реновираната Железничка станица при што загинаа 14 лица, меѓу кои и еден македонски граѓанин.

Три лица беа тешко повредени.

Градскиот урбанист на Белград, Марко Стојчиќ, најави дека во наредните денови надлежните служби ќе ги посетат сите јавни простори и јавни објекти во сопственост на Градот и ќе утврдат дали има потреба да се оневозможи користењето на одредени простори или делови од згради, со цел да се спречи потенцијална трагедија.

Поради трагедијата со загинувањето на 14 лица во Нови Сад, за вечерта на 5 ноември е најавен масовен протест.

Како што е најавено, опозицијата во 18 часот ќе организира протест во близина на железничката станица.

Министерот за градежништво Горан Весиќ поднесе оставка, иако порача дека „не е виновен“.

Опозицијата бара оставка и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Малдивите го отповикаа амбасадорот во Пакистан поради неодобрена средба со претставник на Кабул

Малдиви - илустрација
Малдиви - илустрација

Владата на Малдивите го отповика својот амбасадор во Пакистан откако тој се сретнал со највисокиот дипломат на авганистанската влада на Талибанците во Исламабад без да го расчисти тоа со неговата влада, јави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).

Малдивите не ја признаваат талибанската влада која ја презеде власта во август 2021 година кога силите на Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО се повлекоа од земјата.

Министерството за надворешни работи на Малдиви соопшти дека по неодамнешната средба меѓу Мохамед Тоха, висок комесар на Малдивите во Пакистан и Ахмад Шакиб, авганистанскиот вршител на должност, е преземена „соодветна акција“ против Тоха, јави АП.

До ваква ситуација дојде неколку дена откако авганистанската амбасада во Исламабад соопшти дека двајцата официјални претставници се состанале за да разговараат за начините за унапредување на соработката и трговските односи меѓу Малдивите и земјите од Централна Азија преку Авганистан.

Инженер во руска воена фабрика осуден за велепредавство

Русија - Воената фабрика „Уралвагонзавод“ во рускиот град Нижни Тагил
Русија - Воената фабрика „Уралвагонзавод“ во рускиот град Нижни Тагил

Данил Мукхаметов, поранешен инженер во воениот објект Уралвагонзавод во градот Нижни Тагил на Урал, беше осуден на 16 години затвор под обвинение за велепредавство.

Мукхаметов, кој работел во фабриката одговорна за производство на воена опрема, вклучително и на тенкови, беше осуден поради наводно снабдување на украинските разузнавачки служби со доверливи материјали.

Судот му изрече и парична казна од 300.000 рубљи (3.035 долари).

Сопругата на Мукхаметов, Викторија Мукхаметова, претходно беше осудена во посебен случај за истото дело, добивајќи казна затвор од 12 и пол години. За време на нејзиното судење, таа призна дека предала чувствителните информации за сума од 100.000 рубљи (1.026 долари).

Мукхаметова склучи спогодба со истражителите, што доведе до тоа нејзиниот случај да се разгледува одделно. Бидејќи постапката се одржа зад затворени врати, не се познати деталите од договорот, а не е познато дали Мухаметова била под принуда кога се согласила на спогодба.

Парот беше приведен во март 2023 година и првично беа уапсени за наводно недолично однесување во јавноста. Тие тврдеа дека не биле вмешани во непристојно однесување, но сепак биле ставени во административен притвор 12 дена.

По ослободувањето, парот беше повторно уапсен и обвинет за велепредавство по дополнителна истрага.

Судењето на Мухаметов се одржа зад затворени врати, а деталите за неговата одбрана и изјаснување не беа објавени. Случајот го надгледуваше судијата Андреј Минејев, кој исто така претседаваше со судењето за шпионажа од висок профил на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович.

Гершкович во јули беше осуден на 16 години затвор под обвинение за шпионажа, што тој и неговиот работодавец остро го негираа. Случајот на Мухаметов, сепак, не е директно поврзан со ситуацијата на Гершкович.

Повеќе од десетина научници и инженери од 2018 година се уапсени во Русија под обвинение за предавство, главно поради активности кои се сметаат за нормален дел од нивната работа, како што се поседување научни трудови, објавување трудови на меѓународно ниво, соработка со колеги од други земји и присуство на меѓународни конференции.

Обвиненијата за велепредавство во Русија придонесоа за бројни и долги затворски казни во 2024 година. Само во првата половина од 2024 година, 52 лица беа осудени за предавство, што е значителен пораст во споредба со осудените 39 лица во цела 2023 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG