Достапни линкови

Музика и позитивна енергија


Наспроти сеприсутноста на изборниот циркус на урбано Скопје, во престојниве шест дена и ноќи, ќе му се случува светот во кој музиката, позитивната енергија и жигосувањето на политичките манипулатори е она кон што глобално се стремат артистите, годинешни учесници на ОФ-ФЕСТ.
Во тие рамки, согласно убавата практика на промоторите да ги претставуваат и рок составите кои оставиле посебен белег на современата рокенрол сцена, по Дејвид Брн, Еижијан даб фоундејшн, Спиричулајз, Меркири рев, овојпат за отварањето на манифестацијата се одбрани ГЕНГ ОФ ФОУР, на кои лоална подршка ќе им бидат домашните БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА. Инаку, кога сме веќе кај култните британци, да кажеме дека тие важат за една од најиновативните, највлијателните и најдолговечните струи на тамошната пост-панк ера од крајот на 70 и првата половина на 80 години и состав со јасно освестена социјална порака кој панкерската енергија извонредно умешно ја вкрсти со фанкот како извонредно податлив идиом на црната музика. Вокалистот Џон Кинг и гитаристот Енди Гил, со своите сегашни придружници Дејв Ален на бас и Хуго Брнам на тапани, во Скопје доаѓаат не само да не потсетат на своето звуковно минато заокружено на двојниот албум Ритрн ту гифт од 2005, туку и да докажат дека се исто толку свирачки моќни и инспиративни како некогаш.

И, по нив, веќе следниот ден започнува преставувањето на значајните претставници на современата африканска музика. Во киното Фросина, од 20 часот, најнапред документарецот за големата легенда на Мали и воопшто на светската музика Али Фарка Туре, а потем и концерт на неговиот син Вју кој долго беше под татковата сенка, за да дури со деби албумот објавен по неговата смрт докаже дека е вистински модерен претставник на т.н пустински блуз.

Во понеделник, пак, во клубот Миднајт, од 22 часот, ќе биде сторена промоцијата на албумот на Дуке Бојаџиев - Љубовта е патот, а потоа македонскиот музичар ќе го претстави и својот њујоршки проект ГАЕА во кој тој настапува со црномурестата Ти-Кеј Вондер. Следниот ден, во Универзална сала, од 20 часот и 30 минути, ФОЛТИН по прв пат концертно ќе го претстават својот нов албум Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо, а истото тоа ќе го стори и славниот Сењор Коконат или човекот со илјада псевдоними кој по неколкуте мега-успешни изданија со обработки на песните на КРАФТВЕРК, ДОРС, ДИП ПАРПЛ, Шаде и други ја стокми својата нова колекција на кавери насловена како Околу светот чие излегување е предвидено за средината на идниот месец.

Во Среда, во Кинотеката на Македонија, е предвидено прикажувањето на документарецот за еден од назначајните афрички музичари, политички активисти и борци за социјални права, Нигериецот Фела Кути насловен како Музиката е оружје, а на последниот ден од фестивалот, повторно во Универзална сала, најнапред специјалистите за сите стилови и групата со најдобар ворлд-мјузик албум за минатата година според Би-Би-Си, Сенегалците - ОРКЕСТРА БАОБАБ и конечно Сеун Кути, помладиот син на Фела, со оркестарот на својот татко ЕЏИПТ 80 и овдешна промоција на неговиот деби албум кој во светот ќе биде обнароден на крајот на јуни.
XS
SM
MD
LG