Достапни линкови

Надлежноста на Косово во рацете на меѓународниот цивилен претставник


Меѓународниот цивилен претставник на Косово Питер Фејт изјави дека, по петнаесетти јуни кога стапува во сила и косовскиот устав, неговата канцеларија ќе биде одговорна за надгледување на спроведувањето на планот на Ахтисари. Сепак, се уште не е јасно што ќе биде со најавеното распоредување на мисијата Еулекс.

Меѓународната управувачка група е во целост задоволна од напредокот што го постигнала владата на Косово, изјави меѓународниот претставник Питер Фејт откако групата што ја сочинуваат петнаесет земји се сретна со премиерот Хашим Тачи. Според Фејт, по петнаесетти јуни, институциите на Косово ќе ги преземат своите одговорности, а нивната работа ќе ја контролира Меѓународната цивилна канцеларија:

„Оваа мисија има за цел да и помогне на владата во спроведувањето на планот на Ахтисари во создавање мултиетничко општество на целата територија на Косово.“

Изјави Фејт, прецизирајќи дека канцеларијата ќе функционира и на северот. Премиерот Хашим Тачи пак најави извесно преуредување на меѓународните мисии со што тие би имале само советодавна улога.

„Петнаесетти јуни ќе стапи во сила Уставот на Косово, а косовските институции ќе ги преземат надлежностите и чекор по чекор ќе ги извршуваат на целата територија со меѓународна цивилна и воена поддршка.“

изјави Тачи. Сепак, се уште не сосема јасно меѓународното присуство по тој датум со оглед на тоа што воспоставувањето на Еулекс мисијата ќе доцни шест до осум недели. Шефот на Еулекс Ив де Кермабон во текот на својата посета на Косово изјави дека иако постојат политички и технички причини за таквото одлагање, сепак сите членки на Унијата се единствени дека таа мисија треба да биде воспоставена. Меѓутоа, Белград се противи и ја оценува за нелегална со оглед на тоа што таа не е одобрена од Советот за безбедност на Обединетите нации. Затоа и косовските срби сметаат дека е неприфатливо доаѓањето на оваа мисија на северот на Косово:

„Веројатно го примија на знаење она што е општо познато дека без добра волја на локалното население не може има и добра соработка. Најдобро е она што го покренаа русите: УНМИК да остане на северот, а Еулекс во средините каде што албанците се мнозинство.“

вели Небојша Јовиќ од Српскиот национален совет. Европската унија на шеснаесетти февруари, ден пред прогласувањето на независноста на Косово ја одобри правосудната полициска мисија Еулекс која ја сочинуваат две илјади луѓе. За сега не е познато ни тоа како ќе изгледа УНМИК по стапувањето во сила на косовскиот устав. За евентуалните негови промени треба да реши генералниот секретар на Обединетите нации.
XS
SM
MD
LG