Достапни линкови

Клучен е притисокот од внатре, но пред се од меѓународната заедница, велат експертите


Бурниот почеток на изборната кампања продолжи со ненадејно примирје. Ова се должи на комбинираниот притисок на домашните политички актери и меѓународната заедница како редовен финален арбитер, сметаат експертите. Дел од аналитичарите на политичките процеси би сакале да веруваат и дека тоа се должи на вразумувањето на самите актери на партиската сцена иако знаат дека ваквата варијанта е преоптимистична за нашите прилики. Веројатно сите заедно сфатија дека влогот овој пат е многу висок, вели политичкиот аналитичар Ненад Марковиќ:

„Беа направени многу напори не само за интеграција во НАТО, туку еве се обидуваме и да добиеме датум за преговори за ЕУ, едно вакво враќање назад, дефинитивно не ни е потребно. Така што јас мислам дека тоа е комбиниран притисок од внатрешни и надворешни фактори. Мислам дека подобро е кога ќе се јави една саморегулација на политичката арена без мешање на меѓународната заедница, но нејзиниот притисок е често круцијален.“

Начинот на кој започна изборната кампања значително влијаат на угледот на земјава и на шансите македонија да добие поскоро датум за преговори со Европската Унија, додава аналитилчарот Ибрахим Мехмети. И покрај она што се случи на самитот во Букурешт, поддршката на меѓународната заедница останува важна вели тој.

„И решавањето на спрото со името зависи во одредена мера од вкупниот впечаток што нашата земја го остава пред меѓународниот фактор.“

И Мехмети и Марковиќ очекуваат дека ова примирје ќе трае до крајот на кампањата:

„И ова примирје би можело да трае до крајот на изборите бидејќи не видов што конкретно партиите добија од насислтвото и како на тој начин и помагаат на сопствената предизборна кампања. Мислам дека едно подолготрајно насилство може да предизвика апстиненција кај гласачите, поради разочарувањето кое може да се јави кај политичките елити.“

Вели Марковиќ. Мехмети сепак предупредува на поголемо внимание на самиот изборен ден зошто како што вели сепак тој ќе одлучи за победникот:

„Ќе треба да се обрне поголемо внимание од страна на меѓународните набљудувачи на денот на изборите, бидејќи оваа атмосфера што се создаде на почетокот од кампањата може да се обнови на денот на изборите, бидејќи од досегашното искуство тешко е да се верува дека одеднаш тие што правеа проблеми ќе се смират и нема да прават такви проблеми.“

Посочува Мехмети.
XS
SM
MD
LG