Достапни линкови

Граѓаните меѓу сеќавањата за второмајските излети и транзициската реалност


Ден по празникот на трудот, улиците во Скопје се празни. Иако од минатта година 2 мај е работен ден, денеска ги нема вообичаените сообраќајни гужви, многу од продавниците се затворени, а и оние кои работат се празни.

Граѓаните кои ги сретнавме беа излезени да ги купат неопходните продукти од најблиската продавница. Повеќето од нив и денеска не работат.
Но и оние кои работат, велат дека не им недостасува уште еден неработен ден.

„Помина времето на социјализмот, кога работниците беа на власт. Сега е капиталистички начин на работење и живеење и првомајските празници немаат ефект.“
„Се исто ми е.“
„Мислам дека е доволно еден ден, особено што имаат луѓето сабота недела веќе да се одморат.“


Првомајските празници го изгубија некогашното значење, се присетуваат некои од граѓаните. Еве како порано се празнувало:

„Тие времиња беа со многу радост, уживање, смеа, понекогаш се одеше надвор од градот, во околината, со храна, со музика.“

Празникот не значи само еден неработен ден, велат експертите. Празникот ја оправдува својата цел тогаш кога ја обединува заедницата и кога му дава содржина на поминатиот ден, објаснува проф. Милева Ѓуровска од Филозофскиот факултет во Скопје.

„Да се исполни, да се има ритуали, да му се даде содржина. Апсолутно не значи ништо, денес е празник, одете си дома, и правете што сакате, тоа не е празник којшто ги обединува луѓето и дава симболика.“

Според дел од граѓаните симболиката на првомајските празници се губи во транзицискиот период. За разлика од порано кога немавме многу, но имавме сите, денеска материјалната состојба ги селектира оние кои ќе отидат на најблиското излетничко место или ќе заминат надвор од државата, вели една скопјанка

„Оваа ситуација придонесе тага во очите на луѓето. Не може да си дозволат основни нешта, да излезат надвор два дена и да си дадат оддишка.“

Во согласност со измените на законот за празници, од минатата година неработен е само први мај, а на сметка на тоа пак граѓаните, добија плус осум неработни дена.
XS
SM
MD
LG