Достапни линкови

Состојбата е стабилна и непроменета, закани за безбедноста на Македонија за сега нема, велат од МВР


Стабилна и непроменета е безбедносната состојба во пограничниот регион со Косово велат од македонската полиција. Иако нема посериозни знаци за нарушување на безбедноста, надлежните органи будно ја следат ситуацијата и се подготвени навремено да реагираат, вели портпаролот на министертвото за внатрешни работи Иво Котевски.

„Останува оценката дека нема поголеми закани и покрај тоа што се случија неколку работи во регионот, од коишто може да се очекуваат одредени импликации, но барем за сега, никакви закани за безбедноста на Република Македонија нема.“

Откако вчера во полициската акција кај Гнилане, косовската полиција откри огромна количина оружје, денеска немаше коментар од нивна страна.
Во акцијата биле уапсени четворица косовски Албанци, кои го превезувале оружјето во три возила.

Шпекулациите во јавноста дека оружјето било наменето за екстремистичка група во Македонија, од македонската полиција не ги потврдуваат.
Велат дека истрагата на косовската полиција треба да утврди за кого било оружјето и дали Македонија била крајната дестинација.

Од друга страна пак, косовската телевизија неодамна емитуваше снимки од вооружени лица во косовско Дебалде. Тие се заканувале дека со оружје ќе ги бранат косовските имоти, кои пак со одбележувањето на границата треба да завршат на македонска територија.

Експертите предупредуваат дека ваквиот развој на настаните може да го забави процесот на демаркација на границата.

„Мислам дека може ваквите инциденти да го забавуваат овој процес. Ако сепак нема еден здрав приод и од косовска и од македонска страна кон приватните проблеми на луѓето што живеат на тие краишта,“

изјави проф.Јетон Шасивари од Штуловиот Универзитет.

Засега, според Шасивари одбележувањето на границата се одвива според предвидената динамика на планот на специјалниот претставник на Обединетите Нации, Марти Ахтисари.

„Судејќи по се, овој процес започна на време, но дали ќе се доврши во рок од една година зависи од многу фактори и од косовската, но и од македонската страна.“

Претседателот Бранко Црвеновски, пак вчера во интервју за Канал 5 телевизија, изјави дека е загрижен од бавното одвивање на процесот на демаркација со косовските власти.
XS
SM
MD
LG