Достапни линкови

Проблемот е политички, а писмото е за домашна употреба, оценка на професор Денко Малески


Станува збор за политички, а не за правен проблем, па оттука писмото кое претседателот на државава Бранко Црвенковски го упати до генералниот секретар на ОН во кое се наведува дека Грција ,,флагрантно го прекршила членот 11 од Привремената спогодба“ од 95-та година, нема некое посебно значење, туку станува збор за чекор кој пред се е популарен во домашни рамки, објаснува професорот по меѓународно право Денко Малески:

„Сега претседателот се обидува да зборува за правната страна, па се обидува да протестира. Тоа има некаква мала улога, но мислам дека пред се тоа е за домашна употреба, затоа што кај нас одново се користат патриотските чувства на луѓето и никој не сака од политичарите да биде издајникот.“

Македонија ја ,,притискаат“ рокови за решение за спорот со името. Најнов до 9-ти јули посочен од генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Схефер. Поради тоа домашниот политички фактор неможе да креира амбиент на работење, туку решението за спорот со името треба да го бара во вистинската насока. Бидејки станува збор за политички проблем, решението е во дипломатски активности, додава професор Малески:

„Се разбира, мали држави како Македонија немаат што друго освен упорно да се повикуваат на правото, меѓутоа тоа е политички проблем, којшто мора да се решава со помош на преговори и компромиси,“

изјавува Малески. Според аналитичарот Слободан Чашуле пак, јасно е дека Грција ја прекрши во еден член Привремената спогодба, но прекршувањето вели тој, незначи и нејзино откажување од неа:

„Грците така направија, тие прекршија дефакто еден член, но продолжија и понатаму со намерата да преговараат и да одржуваат односи како што се, значи од неа не се откажуваат,“

објаснува Чашуле. Во писмото упатено од Претседателот Црвенковски до ОН се укажува дека согласно членот 11 од спогодбата, Република Грција е правно обврзана да не приговара на приемот на Македонија во мегународни организации ако земјата се ослобовува со привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. И покрај ваквата обврска Грција приговори на нашата покана за прием во НАТО, условувајќи ја со претходно пoстигнување на решение за името на Македонија, се наведува во писмото од претседателот Црвенковски до ОН. Тој воедно бара за ова да биде известен и Советот за безбедност и членките на Светската организација.
XS
SM
MD
LG