Достапни линкови

Дали е доволна нашата стратегија да се зачува идентитетот или треба да се бара попрецизен став?


Додека грчката страна јасно укажува дека решението во спорот за името треба да се бара во сложено име со географска одредница, македонската јавност од домашниот политички врв во целиот тек на преговорите ,,збунета“ меѓу ставовите на претседателот на државата и премиерот. И вчера претседателот Бранко Црвенковски посочи дека не по секоја цена, но треба да се бара компромис со Грција, тој уште и повика дека постои потреба јасно и транспарентно пред македонската јавност да се презентираат вистинските национални интереси. Во владата пак велат дека во спорот со името треба да бидат вклучени што поголем број на експерти, аналитичари, дипломати, што всушност беше и сторено на пошироките консултации на премиерот со нив. Воедно мислењето на владата е дека по прашањето за името преку референдум треба да се праша и пошироката јавност, мислење што не го дели сосема претседателот. Имено, токму резултатот велат дипломатски извори од сето ова, се поединечни средби со медијаторот Метју Нимиц што беше случај при неговата вчерашна посета. Тоа и не е толку необично бидејќи тоа го прави и грчката страна, но за македонската одвоените средби досега не беа пракса, а тоа може да се протолкува како немање на единствен став, велат дипломатски извори. Дека македонскиот државен врв не треба да тактизира по прашањето за името, се согласува и дел од експертската јавност. Професорот од Правниот факултет Денко Малески смета дека причината е во тоа што станува збор за непопуларен чекор за секој политичар:

„Националните емоции се неисцрпен ,,резервоар“ за политичарите да бидат лансирани и да останат во позиции на власта и тие практично треба да се откажат од тоа. Значи влегувајќи во тоа да се свесни дека ќе изгубат дел од гласачкото тело, но дека на тој начин ќе направат добро за државата.“

Наспроти мислењето на Малески, професорот од Факултетот за општествени науки Димитар Мирчев кој беше во групата експерти поканети од премиерот Груевски на дискусии за името, смета дека македонската страна има своја позиција по ова прашање:

„Не мислам инаку дека немаме стратегија, ние апсолутно ги водиме преговорите по таа стратегија. Ние повеќе пати споменавме за таа црвена линија, која неможеме никако да ја пречекориме бидејќи станува збор за националниот идентитет.“

Посочува професор Мирчев. Она што досега јасного кажа македонскиот политички врв, е дека преговорите со Грција за името ќе продолжат.
XS
SM
MD
LG