Достапни линкови

Добро осмислена кампања помага, но таа исчезнува во ниското ниво на комуникација, велат експертите


Едно е партиското мислење, а сосема друго е кога содржината на пораката што се испраќа до гласачкото тело ќе биде осмислена од стручни лица, велат од партиите кои веќе редовно без исклучок во креирањето на изборната кампања во трката за глас, изминативе години освен анализи и истражувања, ангажираат советници домашни и странски, како и маркетинг агенции... Ангажманот на професионалните маркетинг агенции беше видлив и во изминатите две години во осмислувањето на повеќе владини кампањи. За ВМРО ДПМНЕ како што беше објавено во дел од медиумите, ќе бидат ангажирани и советници од американската Републиканска партија. Динамиката продолжува и на овие избори:

„Во изработката на предизборната програма вклучени се поголем број експерти и домашни и странски, како и здруженија на граѓани заинтресирани за вклучување на свои интереси и барања кои треба да бидат дел од идната владина програма на Македонија.“

Вели Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ. Една од партиите што меѓу првите што почна за време на изборите да користи стручно мислење во осмислување на изборната кампања е Либерално Демократската Партија. Сме имале и години на настап кога сами во рамки на партијата сме ја осмислувале кампањата, вели Андреј Жерновски од оваа партија, но очигледно резулататот е поголем кога тоа го прават стручни лица:

„Има голема разлика, оти сепак еден политичар незнае најдобро како условно кажано дапродаде ,,производ.“

Вели Жерновски. За разлика од македонските партии, албанскиот политички фактор не се потпира во голем дел на стручни агенции во осмислување на нивните кампањи. Подршката од гласачкото тело е доволна, вели Агрон Буџаку од ДУИ:

,,Кај нас електоратот оценува по работите што ги правиме, и во овој дел на сработеното мислам дека ние имавме со што да излеземе на избори.“

Посочува Буџаку. Експертите пак потенцираат дека добро осмислените пораки што партиите ги испраќаат влијаат врз гласачкото тело. Но, залудно е убаво осмислена кампања, кога таа се ,,губи“ во ниското ниво на комуникација меѓу политичарите, е мислењето на социологот Илија Ацески:

,,Ние несоздадовме елементи на една политичка култура, која помалку или повеќе ќе не идинтификува односно барем на тој процес кога станува збор за изборна кампања, ќе му даде едно повисоко, покултурно, цивилизациско ниво.“

Изјавува Ацески.
XS
SM
MD
LG