Достапни линкови

Изборниот законик непрецизен во делот на санкционирање на партиите, велат експертите


Иако официјално изборната кампања ќе започне 20 дена пред изборите кои се закажани за први јуни, партиите според настапите во јавноста се чини дека веќе ги започнаа предизоброните активности. Секое обраќање до граѓаните преку трибини или прес конференции во кои политичките противници се напаѓаат еден со друг, во овој период се користи за маркетиншко претставување, коментираат екпертите. Влатко Мисев учесник во експертскиот тим кој го подготвуваше изборниот законик, вели дека одредбите од законикот не се прецизно регулирани во делот на санкционирање на партиите за предизборни активности пред официјалниот старт на кампањата:

„Прво изборната кампња во изборниот законик е дефинирана како јавно претставување на потврдените кандидати од надлежни изборни органи, е сега ваквата дефиниција не е јасна затоа што прво мора да се утврдат кои се начините и модусите за претставување на кандидатите и доколку го ставите сето ова во една временска рамка ќе се види дека од крајниот рок на утврдување на кандидатските листи, отварањето на жиро сметката и започнувањето на кампањата постои некој вакуум период, кој што можат да го искористат политичките партии.“

вели Мисев кој додава дека поради непрецизираните правила овој период иако дефинитивно е предизборие, но од аспект на законот тоа неможе така да се дефинира, па оттука партиите го користат секој момент за сопствен маркетинг преку јавен настап:

„Елементите на изборната кампања се изборни програми, изборни пораки, локални настани, претставување на кандидати, митинзи и закуп на медиумски простор. Меѓутоа кај нас во овој момент ги има само јавните настапи односно обраќањето до јавноста, а сето тоа од аспект на законот не влегува во изборна кампања.“

Објаснува Мисев. И аналитичарот Климе Бабунски се согласува дека кампањата веќе е започната, а на тоа според него влијаат политичките случувања:

„Имаше одреден политички речник од типот на патриоти и предавници итн. и тоа може да е еден од показателите дека кампањата почнала и пред службеното распуштање на собранието.“

Посочува Бабунски кој додава дека заради тоа и пред официјалниот старт на кампањата, од настапите на политичките субјекти веќе може да се насети дека ќе следува жестоко изборно преставување:

„Дека изборната сцена ќе личи на ,,касапана“ или касапница, значи со доста травијалности би требало да се очекува да биде исполнет политичкиот говор.“

истакнува Бабунски.
XS
SM
MD
LG