Достапни линкови

Изборите ќе го забават процесот на евро – атлантска интеграција, согласни експертите


Меѓународните претставници во Македонија не сакаат да ги коментираат одлуките на политичките фактори во земјава. Од канцеларијата на ОБСЕ во Скопје без одговор што би добила, а што би изгубила земјава, доколку бидат распишани предвремени избори

„Одлуката дали да се одржат или не избори, вклучува одлуки од страна на вашиот парламент и таа е дел од нормалниот демократски процес,“

изјави портпаролот на ОБСЕ, Сали Браутон

Евроамбасадорот Ерван Фуере пак вчера порача дека целата енергија на државните институции, политичките лидери, невладиниот сектор и бизнис групите во моментов треба да се насочи кон остварување на реформите што ќе овозможат економски просперитет

Дали во овој момент на Македонија и се потребни предвремени избори? Мислењата на експертите се поделени. Проф. Татјана Каракамишева од Правниот факултет вели дека одлуката за распуштање на парламентот и распишување предвремени избори не е добра

„Буквално половина година ќе се изгуби во одење на избори, поставување нови институции. Сето тоа ќе ги чини македонските граѓани, држава, во смисла на оној нормален пат на функционирање на демократијата и политиката.“

Спротивно на ваквото мислење, проф. Имер Исмаили од Штуловиот Универзитет со став дека предвремените избори се единствената алтернатива по негативниот исход за Македонија од самитот на НАТО во Букурешт.

„Господинот Груевски нема алтернатива. Или предвремени избори, или оставка, затоа што некој мора да има одговорност за грешките.“

Стабилна политичка сцена, тоа е она што земјава ќе го добие по изборите, оценува политикологот Дане Талески од Центарот за политички истражувања. Она пак што ќе го изгубиме е времето, поддршката од големите сили и европската иднина за Македонија, додава Талески

„Доколку Македонија одлучи да оди на избори веројатно ќе ја изгуби поддршката и симпатиите на САД којашто ја имаме во моментов. Ќе се намали степенот, бидејќи многу проста причина, не може да бидете во центарот на внимание на Америка премногу долго. И од ЕУ нема наесен да добиеме датум за преговори, бидејќи институциите ќе бидат во вакуум, критериумите нема да може да се исполнат и ќе изгубиме време. Ќе требаат неколку месеци за да се заврши изборниот процес и не знаеме колку време ќе биде потребно за составување на нова влада.“

изјави Талески.
XS
SM
MD
LG