Достапни линкови

Вести

Скопје: Судската администрација денеска започнува штрајк

Судската администрација од сите судови во земјава денеска започнува штрајк. Вработените во судската администрација бараат покачување на платите, односно како што наведуваат од ССМ еднакви права за сите вработени. Поради штрајкот ќе се примаат само итните предмети, притворите и тестаментите. Сите останати судски рочишта ќе бидат одложени.

види ги сите денешни вести

Сириските воени сили, наводно, спречиле бунтовниците да стигнат до руска воздухопловна база

Архивска фотографија, Сирија, руски бомбардери Ту-22М3 во воздухопловната база Кмеимим во западната провинција Латакија, 25 јуни 2021 година
Архивска фотографија, Сирија, руски бомбардери Ту-22М3 во воздухопловната база Кмеимим во западната провинција Латакија, 25 јуни 2021 година

Сириските владини воени сили започнале контранапад против бунтовниците предводени од исламисти кои се приближувале до воздушната база управувана од Русија откако зазеле низа градови и го затвориле фронтот околу клучниот град Хама, објавија сириските државни медиуми.

Контраофанзивата на владините сили дојде по военто напредување во изминатите неколку дена од страна на бунтовниците предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС). Тие го освоија Алепо, најголемиот град во земјата, како и 14 централни села и градови и се приближија на 35 километри од воздухопловната база Кмеимим.

Режимот на претседателот Башар ал-Асад ја предаде воздухопловната база на Русија во 2015 година, кога Москва навлезе за да му помогне на Дамаск да ја сврти во своја полза четири годишната граѓанска војна во тој регион.


Сириската државна новинска агенција САНА соопшти дека бунтовниците на 4 декември се повлекле на околу 20 километри од Хама, четвртиот по големина град во Сирија, кој е под контрола на владата, откако владините трупи поддржани од руските воздушни напади ги соборија бунтовниците во периферијата на градот.

Сириската опсерваторија за човекови права, со седиште во Британија, рече дека бунтовниците се повлекле само 10 километри. Хама, која е клучна за одбраната на Дамаск, е порта за крајбрежните градови Тартус и Латакија, од кои првиот е дом на стратешка руска поморска база.

Јаневска: Одговорност за приредбата во Челопек ќе понесе една од наставничките

Весна Јаневска, министерка за образование и наука на Северна Македонија.
Весна Јаневска, министерка за образование и наука на Северна Македонија.

За приредбата во Основното училиште „7 Март“ во тетовско Челопек, каде ученици беа облечени во униформи на Ослободителната народна армија (ОНА) односно УЧК и со пушки во рацете, одговорност ќе понесе една од наставничките.

„Записникот од вонредниот надзор е готов, инспекторите утврдиле неправилности поради што одговорност ќе понесе една од наставничките која била организатор на приредбата“, изјави денеска (4 декември) министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Министерката најави дека директорот на училиштето и градоначалникот ќе бидат информирани за да постапат според закон.

Таа претходно најави дека слични пријави имало и за настани во други училишта во Чаир, Тетово и Струга и оти и таму ќе има контроли од Државниот просветен инспекторат.

„Но она што е поважно, според мене, е дека и во ова училиште и во неколку други училишта каде што имавме пријави за нерегуларности, каде што, чесно ќе кажам не се утврдени нерегуларности, но имало некаков револт, ќе спроведеме обука за соживот, мултукултурализам, мултиетничност, и за тоа ќе побараме поддршка и од ОБСЕ“, изјави Јаневска.

Приредбата во Челопек беше организирана по повод Денот на албанското знаме – 28 ноември, а просветниот инспекторат изврши контрола на 2 декември.

Настанот во ова основно училиште не е единствениот настан организиран по повод Денот на албанското знаме кој што кое предизвика реакции во јавноста. Покрај реакциите, беа регистрирани и инциденти, како и сквернавење на македонското, а потоа и на албанското знаме. За овие инциденти досега се приведени вкупно 18 лица.

САД се загрижени за предложениот закон за странски агенти во Србија

Зградата на Стејт департментот на САД
Зградата на Стејт департментот на САД

„Соединетите Држави се длабоко загрижени за последиците што предложениот закон за странски агенти во Србија би можел да ги има врз демократијата, човековите права и основните слободи, вклучително и слободата на изразување и здружување“, се вели во одговорот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Ваквиот закон може да го стесни просторот за дејствување на граѓанското општество, да ги стигматизира граѓанските организации кои работат на подобрување на животот на српските граѓани и да ја попречи работата на независните медиуми кои обезбедуваат точни информации за јавноста“, се вели во одговорот од оваа институција.

Се додава дека овие елементи се клучни за сите демократски институции и демократски системи.

Инаку, пратениците на Социјалистичкото движење, чиј основач е прорускиот вицепремиер на Србија Александар Вулин, до парламентот поднесоа предлог-закон за посебен регистар на агенти на странско влијание.

Според тој предлог, за „агенти“ се сметаат сите здруженија и непрофитни организации кои најмногу се финансираат или на друг начин се помагаат од странство. Социјалистичкото движење е помал коалициски партнер на владејачката Српска напредна партија и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Европската комисија за РСЕ изјави дека секој предлог закон треба да биде во согласност со европските стандарди.

„Потсетуваме дека секој закон на земја кандидат за членство во ЕУ мора да биде во согласност со основните демократски вредности на ЕУ, вклучително и слободата на говорот и изразувањето“, се вели во одговорот.

Пред да стане членка на ЕУ, земјата кандидат мора да ги усогласи своите закони, политики, институции и практики со стандардите и барањата на ЕУ.

Србија, заедно со Црна Гора, се смета за лидер во процесот на пристапување во ЕУ.

Закон за „странски агенти“ постои во Русија и, според критичарите, служи за задушување на критиките на владата и ограничување на работата на активистите за човекови права и независните медиуми.

Иран привремено ја ослободи затворената нобеловка Мохамади

Добитничката на Нобеловата награда за мир, Наргес Мохамади
Добитничката на Нобеловата награда за мир, Наргес Мохамади

Иран ја ослободи добитничката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади од затвор на три недели поради здравствени причини, објави нејзиниот адвокат на социјалните мрежи.

„По совет на докторот кој ја прегледал, јавниот обвинител и ја суспендираше затворската казна на Наргес Мохамади на три недели и таа беше ослободена од затвор“, изјави Мостафа Нили на платформата X.

Семејството и поддржувачите на Мохамади побараа нејзино безусловно ослободување и велат дека тринеделниот затвор е несоодветен.

„Суспендирањето на казната на Наргес Мохамади од 21 ден е несоодветно. Бараме итно и безусловно ослободување на Наргес Мохамади или барем продолжување на нејзиното отсуство за три месеци“, се вели во соопштението.

Извори за Радио Фарда (ирански сервис на РСЕ) потврдија дека 52-годишната Мохамади е ослободена од затвор.

Иранските власти дозволија Мохамади да биде хоспитализирана на крајот на октомври, речиси два месеци откако таа се разболе.

Таа ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година, додека беше во затвор, „за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за унапредување на правата и слободите на сите“.

Мохамади боледува од срцеви заболувања, а според медицинскиот извештај издаден во септември, главната артерија на срцето е во многу лоша состојба.

Таа беше во озлогласениот ирански затвор Евин, во кој се сместени политички затвореници.

Дополнителни 15 месеци беа додадени на нејзината претходна затворска казна од 30 месеци во јануари. На 26 октомври, иранските власти ја осудија на дополнителна казна од шест месеци, откако таа организираше протест против егзекуцијата на друг политички затвореник на 6 август, во женскиот оддел во затворот Евин.

Мохамади е 19-та жена што ја добила Нобеловата награда за мир и втора Иранка, по активистката за човекови права Ширин Ебади која ја доби Нобеловата награда во 2003 година.

Тошковски: Интерпелацијата од ДУИ е низок обид за манипулација на јавноста

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на РСМ
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на РСМ

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека интерпелацијата што ја поднесе за неговата работа опозициската ДУИ е „низок обид за манипулација на јавноста“, истакнувајќи дека Собранието ќе постапи како што смета.

На новинарско прашање Тошковски рече дека тезите коишто се поставувале во изминатиот период од страна на опозицијата, а особено од страна на ДУИ, сами по себе се контрадикторни.

„Македонскиот граѓанин, македонскиот народ многу добро знае што стои зад оваа интерпелација од аспект на нивно барање. Нека им е со среќа. Собранието ќе си постапи во насока на она што смета. Јас искрено сметам дека ова е еден низок обид за манипулација на јавноста“, рече министерот Тошковски, по средбата со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ.

Пратеничката група на Европскиот фронт, вчера (3 декември) поднесе интерпелации за министерот Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, кои, како што велат, се главно одговорни за инцидентите на Денот на албанското знаме.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети на прес-конференција рече дека Тошковски и Исени, на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.

ДУИ поднесе интерпелации и за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ и достави барање на наредната седница на Собранието на дневен ред да биде ставена информација за безбедносната состојба во земјата.

Во врска со настаните со палење на македонското и албанското знаме досега се уапсени 18 лица, од кои четворица се во притвор, а за десетина има покренато прекршочни постапки.

Сириската војска започна контраофанзива во градот Хама

Напуштен тенк на сириската армија во поле контролирано од бунтовниците на периферијата на Хама, 3 декември 2024 година
Напуштен тенк на сириската армија во поле контролирано од бунтовниците на периферијата на Хама, 3 декември 2024 година

Сирија денеска (4 декември) соопшти дека нејзината контраофанзива ги потиснала бунтовниците кои се обидувале да напредуваат во стратешкиот централен град Хама, додека бунтовниците соопштија дека заробиле повеќе сириски војници и милитанти поддржани од Иран во жестоките борби.

Долготрајната граѓанска војна во Сирија се разгоре откако бунтовничките сили зазедоа големи делови од северниот сириски град Алепо во последните денови, како и градови и села во јужните делови на северозападната провинција Идлиб.

Офанзивата, предводена од групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ), која е прогласена за терористичка организација од САД, претставува голема закана за претседателот Башар ал Асад, кој ја задржа власта со поддршка на клучните сојузници Русија и Иран.

Околу половина милион луѓе беа убиени во изминатите 13 години од војната меѓу силите на Асад и низа вооружени опозициски сили кои бараат негово соборување.

Сирискиот државен медиум САНА објави дека бунтовниците се повлекле на 20 километри од Хама, четвртиот по големина град во Сирија, кој е под контрола на владата, додека владините трупи поддржани од руската авијација се зацврстиле во предградијата.

Жестоките борби продолжуваат со денови, бидејќи владата на Асад стравува дека бунтовниците ќе влезат во Хама како што влегоа во текот на викендот во Алепо, вториот по големина град во Сирија.

Бунтовниците преку нивниот канал на Телеграм на Одделот за воени операции објавија дека заробиле пет милитанти поддржани од Иран, од кои двајца се од Авганистан, а тројца се сириски војници во источниот дел на Хама.

Ако бунтовниците ја заземат Хама и ја контролираат околната провинција, тоа би можело да ги изолира крајбрежните градови Тартус и Латакија од остатокот на земјата.

Латакија е клучното политичко упориште на Асад, додека Тартус е дом на стратешка руска поморска база.

Членките на НАТО се договорија приоритет да биде заштитата на украинската инфраструктура

Знамето на НАТО
Знамето на НАТО

Членките на НАТО се согласија заштитата на украинската инфраструктура да биде главен приоритет, изјави денеска (4 декември) шефот на Алијансата Марк Руте, додека Русија продолжува да ја напаѓа Украина со дронови и проектили.

Зборувајќи за новинарите пред вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на западната воена алијанса, Руте рече дека состанокот бил за да се обезбеди Украина да има доволно системи за воздушна одбрана за да ја заштити својата инфраструктура од руски напади.

„Имаше јасен договор на маса минатата ноќ дека помагањето на Украина, особено нејзината инфраструктура, мора да биде приоритет“, рече Руте.

Тој изрази уверување дека сојузниците од НАТО ќе работат во наредните денови и недели за да обезбедат дека ќе и достават сè што можат во Украина.

Трета зима по ред Русија ја гаѓа енергетската инфраструктура на Украина, предизвикувајќи жртви и прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија.

„Русија го нападна северниот регион Чернихив со беспилотни летала рано во средата, оштетувајќи неколку куќи во едно село“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус на Телеграм.

Во централниот регион Винице, остатоци од беспилотно летало запалиле куќа во областа Хисин, делумно уништувајќи ја, соопшти украинската Државна служба за вонредни состојби.

Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија лансирала наведувана ракета и 50 беспилотни летала кон цели во Украина.

Украинските системи за противвоздушна одбрана соборија 29 беспилотни летала во девет региони - Киев, Харкив, Полтава, Суми, Чернихив, Хмелницки, Тернопил, Миколаев и Доњецк, соопштија од воздухопловните сили, додавајќи дека 18 беспилотни летала биле неутрализирани бидејќи нивните навигациски системи биле електронски заглавени.

Во Русија, во црноморското пристаниште Новоросијск, еден од главните извозни центри на нафта и важно воено пристаниште каде се наоѓа дел од руската црноморска флота, во текот на ноќта се слушнале силни експлозии.

Градоначалникот на Новоросијск, Андреј Кравченко, ги повика жителите да одат во засолништа поради нападите со беспилотни летала. Ниту Украина, ниту Русија сè уште не ги коментирале експлозиите.

Македонските ученици речиси „неписмени“, покажа меѓународно тестирање по математика и природни науки

илустрација
илустрација

Од 58 држави, во математичка писменост, македонските ученици се на 44 место. Во природни науки се три места подолу, односно на 47 место.

Ова се резултатите од последното меѓународно ТИМСС тестирање (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study) што беше спроведено во 2023 година, по петти пат во нашата држава.

Тестирани беа ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик и прв пат електронски, соопшти денеска (4 декември) Министерството за образование и наука (МОН).

Од МОН велат дека и оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени за да можат нашите ученици да ги подобрат знаењата.

„Затоа, делуваме во сите сегменти на образованието, почнувајќи од основното, постепено и со консултација со сите засегнати чинители. Најавивме и во се поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси. Го реформираме гимназиското образование, го прошируваме концептот на дуално образование и развиваме нови регионални центри за стручно образование и обука“, велат од ресорното министерство.

TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања.

Во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука.

Предлог-буџетот за 2025 пред пратениците на 10 декември

илустрација
илустрација

Расправата за Предлог-буџетот за 2025 година ќе почне на седницата која е закажана за 10 декември. Како што информираат за МИА од Собранието, Предлог-буџетот ќе биде една од точките на дневен ред на 22. седница на која исто така треба да биде изгласан и потребата за носење на Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година (по скратена постапка).

Врз основа на член 193 од Деловникот на Собранието, по завршувањето на амандманската расправа Предлог-буџетот се враќа до Владата која подготвува дополнет предлог на буџетот.

Дополнетиот предлог на буџетот претставува нов интегрален текст во кој Владата ги вградила амандманите со кои се согласила и потребните изменувања и дополнувања на предлог на буџетот. Кон дополнетиот предлог на буџетот се доставува и образложение. На дополнетиот предлог на буџетот амандмани можат да се поднесат најдоцна во рок од три дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието, само на оние делови кои во дополнетиот предлог на буџетот се изменети.

Претресот по дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание, се води во втората недела на декември и трае најмногу пет дена. Собранието го донесува Буџетот најдоцна до рокот утврден со закон. Амандманската расправа за Предлог буџетот заврши на 29 ноември.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарда денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41 350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 процента како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација и поумерениот притисок од базичната инфлација.

Извозот се очекува да има раст од 4,2 отсто, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.

Орбан и папата Франциск разговараа за Украина

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и папата Франциск (архивска фотографија)
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и папата Франциск (архивска фотографија)

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска (4 декември) се сретна со папата Франциск и највисоките претставници во Ватикан, каде што разговарале за перспективите за мир во Украина. Подоцна во текот на денот Орбан треба да има средба и со италијанската премиерка Џорџа Мелони.

„За време на дијалогот особено внимание беше посветено на војната во Украина, фокусирајќи се на хуманитарните последици и напорите за промовирање на мирот“, се вели во соопштението од Ватикан.

Оттаму додаваат дека меѓудругото, Орбан и папата разговарале за унгарското претседавање со Европската Унија оваа година, за „централната улога на семејството и заштитата на младите генерации“.

Орбан на социјалните мрежи објави слика од утринска миса во базиликата Свети Петар, и напиша: „Мораме да ја искористиме шансата за мир!

Орбан, најблискиот сојузник на Кремљ во ЕУ, постојано повикуваше на мировни преговори и одбиваше да испрати воена помош за Украина откако Русија изврши инвазија во 2022 година.

Тој беше критикуван за водење одвоена дипломатија со Русија за да го истражи патот за ставање крај на војната во Украина, само неколку дена по преземањето на ротирачкото шестмесечно претседавање со ЕУ.

Папата Франциск редовно повикува на мир во конфликтите ширум светот и за време на неговата аудиенција во средата зборуваше за „маченичката Украина“, палестинските територии и Израел и Мјанмар.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG