Достапни линкови

Се зависи како политичката елита ќе ја менаџира јавноста, сметаат експертите


90 проценти од македонските граѓани важат за поддржувачи на евроатлантските стремежи на земјава според сите досегашни анкети и анализи на јавното мислење. Дали овој процент ќе се измени по разочарувањето во Букурешт сеуште никој не може да прогнозира. Засега, јасно е дека првиот шок се претвора во антигрчко расположение откако грчкото вето на самитот на НАТО беше нотирано како единствената причина за останување на земјава надвор од сојузот. Прецизни проценки и истражувања на јавното мислење по однос на поддршката на НАТО во Македонија допрва ќе се случуваат. Во овој кус период по драматичниот пресврт на очекувањата по однос на членството во безбедносната организација експертите имаат различни прогнози за тоа како ќе се развива расположението кај граѓаните. Од оние кои сметаат дека тие ќе продолжат да ја даваат поддршката, до оние кои сметаат дека таа сега секако ќе опадне:

„Ако земеме во предвид дека САД беше наш сојузник во НАТО, а во Алијанста има само неколку членки кои не се дел од Европската Унија, тогаш испаѓа дека ЕУ директно или преќутно се стави на страната на Грција по ова прашање, и сосема нормално граѓаните ќе реагираат најверојатно.“

Вака анализира политикологот Жидас Даскаловски. Дополнителна разочараност, вели Жидас Даскаловски ќе внесе двојниот аршин во преговорите во кои што за Македонија сега се појавуваат дополнителни услови. Неговото мислење меѓутоа не го дели аналитичарот Ненад Марковиќ според кого негативното расположение ќе биде ограничено кон Грција поради нејзините тврди ставови од кои не отстапи во Букурешт:

„Мислам дека разочарувањето кое веќе се јави и кое ќе се јави и можеби ќе се зголеми во наредниот период, верувам дека ќе биде правилно насочено, односно нема да се претвори во разочарување кон идејата за НАТО и евроатлантските итеграции. Ќе се претвори повеќе во разочарување кон овој непремостлив проблем поради тоа што ваквата ситуација им даде ,,ветер во едрата“ на грчката позиција.“

Вели Марковиќ. Сепак што ќе се случува точно експертите не можат да анализираат во период во кој сеуште емоциите го имаат главниот збор. Социологот Илија Ацески очекува дека поддршката за НАТО ќе се намали кај само еден дел од граѓаните и дека сето тоа ќе зависи од тоа како тие ќе бидат насочувани од медиумите и од партиите.

„Имено 60 до 80% од населението повторно стои на позицијата дека НАТО е единствена опција и дека друго немаме. Зависи како ќе биде партиски, медиумски покривано, ако медиумските и партиските пресметки почнат во таа насока тоа значи дека ќе почне тоа мислење да се дели по тие линии, тоа ќе биде повисоко некогаш пониско, зависи од дневно политичките играчи на сцената во Македонија.“

Вели Ацевски.
XS
SM
MD
LG