Достапни линкови

САД останува сојузник и пријател на Македонија


Амбасадорот на САД во Република Македонија Џилијан Миловановиќ денеска во писмената изјава до медиумите изразува незадоволство од вчерашниот исход на самитот на НАТО во Букурешт каде не беше постигнат консензус за членство на Македонија во НАТО. „Во последните неколку недели, народот на Република Македонија се обедини и покажа единствена заложба за напредок на земјава кон подобра иднина. Многу, многу луѓе работеа напорно и постигнаа толку многу за оваа земја. Граѓаните на Македонија можат да бидат горди што нивните достигнувања во текот на многу години наназад, а и во последните неколку месеци, ја прават Македонија да биде посилна, попросперитетна и поправедна држава за сите“.
САД се со Република Македонија, како што истакнува амбасадорот Миловановиќ, и останува стабилен партнер, сојузник и пријател на Република Македонија. - Вчера, лидерите на нашите земји се договорија да почнат да работат на едно засилено стратешко партнерство за да ја зајакнат соработката и взаемните врски, додава таа.Амбасадорот на САД ги повика лидерите во Македонија да продолжат со позитивниот пристап кон наоѓање брзо решение за спорот со името. - Со нетрпение очекуваме Македонија наскоро да стане членка на сите евро-атлантски институции на кои сака да им се приклучи, вели Џилијан Миловановиќ.
XS
SM
MD
LG