Достапни линкови

Разликите меѓу Македонија и Грција за името ја доведуваат во прашање успешноста на самитот на НАТО


Разликите меѓу Македонија и Грција за името ја доведуваат во прашање успешноста на самитот на НАТО во Букурешт, но и стабилноста на Балканот. Евентуалниот неуспех на Македонија да му се приклучи на НАТО, ќе предизвика политичка криза во таа земја, пишува Едвард Џозеф од Меѓународната кризна група, во весникот Интернешнел Хералд Трибјун.

Според Едвард Џозеф, евентуалната нестабилност во Македонија може да се пренесе и на Косово, а со натамошното српско противење на косовската независност и руското на НАТО проширувањето, се чини дека судбината на Македонија на самитот во Букурешт, е клучна. Американската диломатија продолжува, но времето истекува. Грчката влада на Костас Караманлис не само што бара од Македонија да го смени името, туку и диктира какво треба да биде. Од своја страна, десничарската влада во Скопје, на чело со премиерот Никола Груевски, како и неговиот колега во Атина, се надева на домашни политички бенефиции од заземањето цврста линија за името. Но, доколку Македонија остане надвор од НАТО, краткорочните калкулации на Груевски можеби ќе бидат потиснати од сили што не се под негова контрола. Со големо опирање, Груевски индицира дека ќе му се приклучи на умерениот претседател Бранко Црвенковски во прифаќањето на промена на името, наведува Џозеф. И додека и Грција и Македонија се однесуваат неодговорно, загриженоста и на двете страни не е ирационална, но нема време за дебати кој има поголемо право. Лондон, Берлин, Париз и другите европски престолнини треба да му се приклучат на Вашингтон и да испратат итна порака до Скопје и Атина – прифатете го компромисното име Република Македонија, во заграда Скопје, или прифатете осуда. Сојузниците мора да ја убедат Грција дека спречувањето на Македонија да стане членка на НАТО ќе биде пирова победа и да и укажат дека доколку стави вето, ќе плати тешка политичка цена. Неуспехот да се внесе Македонија во НАТО, ќе биде неуспех на американската дипломатија, на Обединетите Нации и на Европската безбедност, што ќе биде товар за Алијансата и во наредните години, наведува Едвард Џозеф од меѓународната кризна група во весникот Интернешнел Хералд Трубјун. Истиот весник денеска објавува и текст на грчката шефица на дипломатијата Дора Бакојани, која наведува дека Грција силно го подржува приклучувањето на Хрватска и на Албанија во НАТО, но оти не може да го стори истото и за ФИРОМ се додека нејзините лидери одбиваат да го решат спорот со името. Во текстот, Бакојани ги наведува грчките аргументи зошто северниот сосед не може да се нарекува како што сака, наведувајки дека се додека постои проблемот, Грција нема да дозволи прием на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Ниедна грчка влада нема да се согласи со тоа и ниеден грчки парламент нема да го одобри тоа, наведува Бакојани.
XS
SM
MD
LG