Достапни линкови

Следи период на интензивни преговори со оглед на различните позиции во македонскиот државен врв


Многу бргу, велат дипломатски извори, се очекува враќањето на македонскиот преговарач Никола Димитров од Њујорк по што како и редовно досега ќе го информира државниот врв за текот на преговорите и предлогот што медијаторот Метју Нимиц им го достави на двете страни за решавање на спорот со името. Предлогот со географска одредница како што информираше и по вчерашната средба медијаторот Нимиц, најверојатно како што посочуваат дипломатски извори е Република Македонија – Скопје, а грчките медиуми јавуваат за можноста тоа да биде испишано на кирилица. Но, засега од македонска страна се додека и официјално не бидат информирани од Димитров без коментар околу предлогот. Дипломатски извори посочуваат дека сега следи период на интензивни консултации за усогласување на предлогот каков и да е - во Грција, како и во Македонија со оглед на различните ставови кои веќе и јавно ги обелодени политичкиот фактор во земјава. Имено вчера премиерот Никола Груевски изјави дека Македонија ќе ги прекине преговорите доколку Грција ја релизира заканата со вето и посочи дека не е прегоолем оптимист по ова прашање.

„Сосема е веројатно дека доколку се случи вето, понатамошните разговори со Грција за надминување на прашањето поврзано со името ќе бидат западните во толку длабока криза што најверојатно ќе бидат прекинати.“

Рече Груевски. Дипломатски извори посочуваат дека ваквата порака од македонскиот премиер може негативно да влијае врз преговорите. Со коментар се јави и грчката страна. Имено грчкиот министер за надворешни работи Дора Бакојани во реакцијата на изјавата од Груевски, која ја пренесува грчкиот весник Катимерини истакнува дека ваквите изјави не помагаат, туку де факто предвреме ги осудуваат на неуспех залагањата за изнаоѓање на решение за спорот со иметот. Ние веруваме во овој процес на преговори и ќе продолжиме да напредуваме во него, изјавила Бакојани која додава дека времето до самитот на НАТО во Букурешт е доста ограничено за постигнување на применливо решение. А нови разговори на тема спорот со името се очекуваат и за време на викендов закажаниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ со земјите од Западен Балкан во Словенија, на кој што најверојатно ќе се одржи уште една средба меѓу Милошоски и Бакојани.
XS
SM
MD
LG