Достапни линкови

Се надевам дека во наредниот период ќе има можности за надминување на проблемот со Грција


Пред претстојната средба закажана за во понеделник, на посредникот Метју Нимиц во спорот со Грција за уставното име, со македонскиот и грчкиот преговарач Никола Димитров и Адамантиос Василакис во Виена, претставниците на државниот врв велат дека ќе се почека да се види што ке биде понудено на неа. Во зависност од тоа дали ќе има нов документ, дали ќе се предложи некоја динамика за преговорите македонскиот државен врв ке изгради став по средбата.

Сепак деновиве се поставува прашањето, постои ли единствен став кај претставниците на државниот врв. Она што е очигледно е дека никој од нив не отстапува од националниот идентитет.

Претседателот Бранко Црвенковски во интервјуто за Радио Слободна Европа што ќе се емитува утре вели:

„Сакам да потсетам дека во сите изминати години, всушност битката за зачувување на Уставното име беше мотивирана со зачувувањето на нашиот национален идентитет. Постои тесна врска меѓу името на нашата држава, народ и нашиот национален идентитет и тоа е сосема објективно и не можеме да отстапиме од тоа.“

Шефот на државата Црвенковски смета дека може да се добие и поканата за НАТО и да се зачува националниот идентитет. Тој вели

„Мислам дека има формулации и во изминатиов период паѓаа на маса такви предлози коишто не задираат во националниот идентите, повеќе значат некаков дополнителен опис на државното уредување на Република Македонија, како што всушност значи и зборот Република. За жал, во изминатиот период од страна на Грција токму таквите предлози беа на самиот почеток отфрлани. Што значи, ако Грција не отстапи од тоа, маневарскиот простор за некакво решение би се стеснил до крај. Велам, се надевам дека во наредниот период со ангажман на медијаторот, но и со ангажман на Вашингтон, сепак ќе се отворат некои можности овој проблем да се надмине.“

Во контекст на ваквиот став од владини извори велат ова излегува од она што е договорено на средбите на државниот врв.

Дипломатски извори сметаат дека ако Македонија добие поизбалансиран предлог или рамка за преговори што нема да задира во националниот идентитет, ќе може да се дојде до формулација со некаква придавка, којашто нема да значи загрозување на идентитетот.
Тие одат понатаму и проценуваат дека умерените сили во земјава за разлика од оние порадикалните во ваков случај ке се обидат да ја добијат битката во преговори врз основа на еден таков предлог. Според нив тоа е единствен начин Македонија да се откаже од двојната формула, само ако и се понуди избалансирана рамка во која нема да се задира во националниот идентитет.
XS
SM
MD
LG