Достапни линкови

Останува на премиерот Груевски дали ќе бидат свикани нови избори или може да ја одржи земјата заедно


Демократската партија на албанците синоќа ја напушта владејачката коалиција со можност за паѓање на владата на премиерот Никола Груевски, оценува американската агенција за стратегиски истражувања Стратфор, додавајќи дека тоа нема да биде добро за напорите на земјата за зачленување во НАТО и Европската Унија. Претходно, заменик државниот секретар Даниел Фрид во Вашингтон уште еднаш повтори дека Македонија, Албанија и Хрватска се на добар пат за зачленување во НАТО.

Демократската партија на албанците излезе од владејачката коалиција што ја отвора можноста за паѓање на владата, се вели во анализата на Стратфор во која се додава: ,,Сега е на партијата на премиерот Никола Груевски да реши дали сама ќе може да ја одржи земјата заедно, со малцинска влада, или ќе бидат свикани нови избори. Како и да е Македонија се соочува со внатрешен, регионален и меѓународен притисок да најде решение кое нема да резултира со втора влада која паѓа на Балканот само за една недела. Тензиите на Балканот се интензивираа по декларацијата за независност на Косово која предизвика паѓање на српската влада. Сега, како што изгледа следна за заминување ќе биде македонската влада. Политичкиот хаос, оценува Стратфор, доаѓа во лошо време за Македонија во однос на нејзините заложби да стане членка на НАТО и Европската Унија. Македонија веќе се соочува со една пречка, спорот со Грција околу името за што се во тек притисоци и од Европската Унија и од НАТО. Меѓутоа, ниту една од нив нема сериозно да смета на членството на Македонија додека нејзината влада е несредена, заклучува Стратфор. Инаку, на сослушувањето во Комиетот за надворешни работи на тема Балканот по независноста на Косово и пред НАТО проширувањето, заменик државниот секретар за европски прашања Даниел Фрид уште еднаш ја истакна заложбата на американската администрација за проширување на НАТО со трите земји од Јадранската повелба:

Албанија, Хрватска и Македонија се на позитивен пат. Сите сега придонесуваат за меѓународната сигурност и учествуваат во НАТО операциите. Соединетите Држави сакаат да ги видат овие три земји во НАТО за што Алијансата ќе донесе одлука во почетокот на идниот месец.

Даниел Фрид повтори дека единствена пречка за Македонија е спорот со Грција за името, но оти Вашингтон се надева дека ова прашањето ќе биде решено на конструктивен начин.

Соединетите Држави ги охрабруваат двете земји да работат со медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц и да го искористат времето до самитот на НАТО за да најдат решение. Соединетите Држави ќе сторат се што можат да помогнат во овој процес.


Во таа насока бил и престојот на Фрид во Македонија во минатиот петок, како и контактите со грчката страна. Решението за спорот, според него, ќе биде добро и за стабилизирање на состојбите во регионот.

Балканот е клучен регион за нас и за нашите европски сојузници. Напредуваме во помагањето на овој регион да премине во одржлив развој и да има европска и евроатлантска иднина.

Изјави во Комитетот за надворешни работи на американскиот Претставнички дом заменик државниот секретар Даниел Фрид, заклучувајќи дека искуството покажува оти прогресот, реформите и конструквното регионално и меѓународно однесување на земјите расте кога се во НАТО.
XS
SM
MD
LG