Достапни линкови

Немањето стратегија главен проблем за гасификацијата, оценуваат експертите


Во услови на постојано покачување на цената на енергенсите, гасоводот во Македонија работи со искористеност од 15 насто. Експертите главниот проблем го лоцираат во немањето стратегија кај државата. Куманово е град што е најдалеку во процесот на гасификација, а градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека резултатите се позитивни.

Во услови на поскапување на струјата и проблемот со дефицитот на електричната енергија, како и рекордно високите цени што на светскиот пазар ги достигнува нафтата, Македонија сеуште доцни во процесот на проширување на проектот за гасификација на државата - енергенс многу поисплатлив за потрошувачите. Професорот од Машинскиот факултетет Константин Димитров и воедно заменик градоначалник на Скопје вели дека главниот проблем е немањето на стратегија:

„Доцниме заради определена регулатива која што не ни е усогласена, веројатно доцниме и затоа што малку нема средства, макар што нив ги има во банките, можеби и сме си комотни затоа што немаме јасна визија, насока, каде би оделе во следните пет или десет години.“

Гасификацијата во државата, како што се најавува би требало да се одвива со пребивање на клириншкиот долг со Русија во висина од 62 милиони евра, преку изградба на гасоводен прстен. До каде е овој процес во владата велат:

„Не би можел да лицитирам со датум но очекувам во текот овој квартал 2008 година конечно да се случи тоа и веќе да започнеме со реализација на проектите.“

изјави неодамна за нашето радио вицепремиерот Зоран Ставревски. Досега најдалеку во гасификацијата отиде општината Куманово, која самостојно започна со изградба на гасоводна инфраструктура, на која првично се приклучени пет индустрики капацитети од овој регион. За придобивките градоначалникот на оваа општина Зоран Дамјановски вели:

„Прво е економскиот бенефит бидејќи горивото е два пати поевтино од било кое фосилно гориво, второ е еколошки е најисправно гориво бидејќи емисијата на карбон диоксид е десет пати помала, и трето оваа инвестиција сама по себе носи развој.“

Во Македонија постои магистрален гасовод на кој што претежно се вклучени дел од индустриските капацитети. Но, процентот на искористеност во однос на максималниот негов капацитет е од 12 до 15% проценти. Најголеми потрошувачи се индустриските капацитети што произлегоа од поранешната Железарница и неколку други фабрики. Последното приклучување е на фабриката „Џонсон Контролс“ во индустриската зона Бунарџик.
XS
SM
MD
LG