Достапни линкови

Македонија мора да покаже активност и конструктивност во преговорите доколку сака покана


Интензивна работа во процесот на медијаторот Метју Нимиц во кој што мора да се покаже конструктивност и целосен ангажман за решение на проблемот со името, а паралелно со тоа силна дипломатска активност во која што членките на НАТО редовно ќе се запознаваат со она што се случува во процесот на преговори. Ова според дипломатски извори се начините на кои македонската страна треба да делува во овој период од помалку од еден месец до априслкиот самит на НАТО доколку сака да ја добие поканата, посебно откако на четврточниот состанок на Алијанста не беше донесена одлука за покани за земјите од Јадранската Група. Во делот на постигнување на евентуален компромис и избегнување на вето од грчка страна, дипломати од земјава велат дека до такво нешто може да не доведе само одредено поместување или напредок во преговорите во кои што повторуваат, мора да демонстрираме позиција на ангажман, но притоа потсетуваат на сосема различните позиции на двете страни. Слично како и дипломатите, на ова упатува и дел од експертската јавност:

„Овој месец што преостанува ќе треба да се искористи за преговори, што значи дека нашата влада треба да има активна позиција, навистина една соработка, кооперативност.“

Вели професор Владо Поповски од Правниот факултет во Скопје. За можноста која што во јавноста се посочува, а тоа е доколу не се најде решение, Македонија на самитот да добие евентуално т.н. одложена покана слично како и дипломатските извори и експертите посочуваат дека не веруваат дека НАТО може да ја услови поканата:

„Незнам дали НАТО може да ја услови Грција да не стави вето на почетокот при поканата, а да има слобода процесот на преговорите да добие еден временски интервал од една година, при ратификацијата. Прашање е дали Грција ќе се реши на тоа?! Дали ќе сака да го испушти првиот чекор, да попушти на таквото барање, а во втората фаза да се најде под мултиплициран притисок, тогаш, да се каже: е сега една поканета земја да не се ратификува, ќе биде преседан.“

Посочува професор Поповски кој додава дека паметно треба да се искористи овој период и да не се пропушти шансата за НАТО со што ќе се остави простор за евентуални превирања:

„Ако се испушти таа шанса, ќе се отворат процеси во Република Македонија кои ќе бидат многу тешки.“

Македонската страна е на ставот за употреба на двојната формула за решение на проблемот со името. Опозицијата посочува дека државата не смее да ги жртвува ниту НАТО, ниту името.
XS
SM
MD
LG