Достапни линкови

Македонија ќе се обиде да се усогласи со генералната политика на НАТО и на ЕУ за Косово


Властите во Македонија се обидуваат да ја одлагаат одлуката за тоа дали ќе ја признаат независноста на Косово, балансирајки меѓу спротиставените барања на регионалните и на европските актери. Ова се вели во анализата на Џејнс Форин Рипорт, во која се додава дека Македонија пред признавањето на Косово се обидува да обезбеди гаранции за членство во НАТО и Европската Унија.

Со спорадични истрели на улиците на Скопје, Тетово, Гостивар, албанците во Македонија ја прославуваа косовската независност, а властите во земјата и натаму се без одлука дали да го признаат Косово. Малата, но моќна српска заедница во Македонија ја предупреди власта во Македонија да не ја признава косовската независност. Премиерот Никола Груевски и претседателот Бранко Црвенковски изјавија дека Македонија со внимание го следи процесот и ќе донесе одлука во согласност со своите национални интереси и оти како земја кандидат за членство во НАТО и Европската Унија, ќе ја следи политиката на тие структури. Кон ова треба да се додаде и замрсената позиција во која се најде Македонија во спорот со Грција околу името. И опкрај тоа што Соединетите Држави веруваат дека Македонија ги исполни критериумите за членство во НАТО и ја подржуваат во напорите да добие покана на наредниот самит, Грција се заканува со вето. Во меѓувреме, како што се вели во анализата на Џејнс Форин Рипорт, главната јавна дебата се води околу тоа дали независноста на Косово ќе го стабилизира регионот, како што смета Западот, или ќе ја доведе во прашање унитарноста на Македонија. Како и да е, анонимен дипломатски извор изјави дека Македонија ќе го признае Косово пред самитот на НАТО во Букурешт, каде што македонската делегација ќе потенцира дека е неопходно Македонија да добие покана или во спротивно ќе има турбуленции иницирани од про-србите. Прославите на албанците во Македонија, со веење на албански и американски знамиња, предизвикаазагриженост кај многумина македонци. На поврзаноста на сите албанци во регионот, честопати се гледа како на закана за кохезијата на другите балкански држави. Македонските албанци не се поврзани со косовските само идеолошки, туку, во многу случаи и семејно. Како контраст, многу македонци чувствуваа емоционална поврзаност со србите, пред распаѓањето на Југославија.
Македонија ќе се обиде да се усогласи со генералната политика на НАТО и на Европската Унија во врска со Косово, но пред да го признае, ќе се обиде да добие гаранции за зачленување во тие организации. И покрај ризикот од повторна внатрешна нестабилност, одлагањето на признавањето на Косово, се чини е една од картите на кои игра Македонија во моментов, со оглед на актуелниот притисок да се постигне договор со Грција за спорот со името.
XS
SM
MD
LG