Достапни линкови

Вести

Дубаи: Поради светските економски турбуленции ОПЕК ќе одржи вонреден состанок

Земјите на ОПЕК кои произведуваат 40 насто од светската нафта ке одржат вонреден состанок поради светските економски турбуленции. Состанокот ќе биде одржан пред редовниот во септември. Саудискиот министер за нафта Абдула Ал Бадри изјави дека нема потреба од зголемено производство и покрај американското барање поради рекордната цена на барелот од 104 долари.

види ги сите денешни вести

Предмет „Тврдина“: Затворски казни за Грујевски, Бошковски и Јакимовски, Јанкулоска ослободена

Пресуда за „Тврдина“, делот од предметот за масовното прислушување на СЈО „Таргет-Тврдина“ што не застаре со измените на Кривичниот законик, 13 јануари 2025
Пресуда за „Тврдина“, делот од предметот за масовното прислушување на СЈО „Таргет-Тврдина“ што не застаре со измените на Кривичниот законик, 13 јануари 2025

За злоупотреба на службената положба и фалсификување на исправа, поврзано со уништувањето на системите за следење на комуникацијата во УБК, Судот денеска (13 јануари) ги прогласи за виновни обвинетите Тони Јакимовски и Валентина Симоновска, кои беа присутни во судница, како и Горан Грујевски и Никола Бошкоски, екс разузнавачи кои избегаа во Грција и на кои им се судеше во отсуство.

За делата злоупотреба на службената положба и фалсификување исправа обвинетиот Тони Јакимовски беше осуден на една единствена казна затвор од три години, во која се засметува и притворот. Обвинетиот Горан Грујевски беше осуден на казна затвор од 14 години и шест месеци, а обвинетиот Никола Бошкоски на една единствена казна затвор од девет години и десет месеци.

Обвинетата Валентинa Симоновска, доби условна осуда со казна затвор од две години, доколку во период од пет години не стори друго кривично дело.

Тие се виновни за ништење на системите за следење на комуникациите, со цел прикривање на трагите. Со тоа нанеле штета на државата во вредност од 1 милион и 418 илјади евра.

Екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска се ослободува од обвинение, бидејќи обвинителството во текот на судењето не го докажало делото што и се става на товар.

Судијата Илија Трпков, на почетокот порача дека случајот Таргет-Тврдина е најголемиот случај со незаконско прислушување на над 20 илјади граѓани кои со тоа биле држени во заложништво, а со тоа и самата држава и целокупниот општествен живот.

Тој посочи дека обвинетите во текот на судењето се однесувале коректно, но дека неговиот впечаток е дека знаат многу за прислушувањето, ама како што рече „не сакаат да зборуваат за тоа“.

Судот во октомври 2023 година донесе решение за запирање на кривичната постапка за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување во случајот за „Таргет-Тврдина“ за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски поради настапено застарување.

Со ова застаруваат кривичните дела за нелегалното прислушување за предметот, а во судница останаа обвинетите што се опфатени со делот за ништење на опремата, односно делот „Тврдина“.

Случајот со нелегалното прислушување „Таргет-Тврдина“ започна во јуни 2017 година. Во овој предмет со обвинението опфатени беа поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

ЕК ги отфрли обвинувањата на Цукерберг за цензура на социјалните мрежи

Првиот човек на „Мета“, Марк Цукерберг
Првиот човек на „Мета“, Марк Цукерберг

Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен ги отфрли обвинувањата на првиот човек на „Мета“, Марк Цукерберг дека ЕУ се обидува да ги цензурира социјалните мрежи, оценувајќи ги ваквите тврдења како лажни.

„Знаеме дека тоа не е вистина. Во Европа слободата на говорот е една од нашите фундаментални вредности и таа, исто така, се почитува и е заштитена со нашиот Закон за дигитални услуги (ДСА). Значи, многу е погрешно да се каже нешто такво, изјави Виркунен за „Политико“.

Изјавата на Виркунен претставува реакција на изјавата на Цукерберг кој обвини дека со ДСА се воведува цензура во ЕУ.

„Европа има се поголем број закони што ја институционализираат цензурата и го отежнуваат создавањето на нешто иновативно, порача Цукерберг.

Тој воедно во саботата ја повика идната американска администрација предводена од Доналд Трамп да ја заштити американската технолошка индустрија од мерките на дигиталната регулаторна рамка на ЕУ.

Изјавите на Цукерберг уследија по реакциите на неговата минатонеделна најава за ажурирања на политиките за умереност на неговата компанија „Мета“, во чија сопственост, меѓу другите се и Фејсбук и Инстаграм. Тој дополнително најави и прекин на програмата на „Мета“ за проверка на факти од трета независна страна на територијата на САД, по што слична одлука се очекува и за во ЕУ.

Еврокомисијата засега најави дека ги разгледува проценките за влијанието на најавените ажурирања на политиките за умереност поднесени од „Мета“ во однос на Фејсбук и Инстаграм и дека ќе се фокусира на „промените во дефинициите за говорот на омраза и за однесување поттикнато од омраза“ на овие две социјални мрежи.

Цукерберг стана вториот раководител во американскиот ИТ сектор, кој упати обвинувања кон ЕУ поради нејзиното инсистирање за усогласување на онлајн платформите со ДСА, откако претходно Законот беше критикуван и од сопственикот на Икс, Илон Маск. Дополнително, Маск упати критики на сметка на неколкумина европски лидери и отворено ја поддржа екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) за претстојните германски парламентарни избори.

Поради ова, Маск беше обвинет за „мешање“ во европската политика, а иницирано е и одржување дебата во Европскиот парламент за „лажните вести и говорот на омраза на социјалните мрежи“ во врска со неговите објави со политичка содржина на Икс.

Комисијата во моментов истражува шест потенцијални прекршувања на Законот за дигитални услуги од страна на платформата Икс, вклучително и такви поврзани со политиките за говорот на омраза, нивото на умереност на насилните содржини, проверката на факти, транспарентноста на рекламирањето и непочитувањето на барањата за верификација и за пристап до податоците за овластените органи.

Од друга страна, ЕК лани во мај започна формална истрага против Фејсбук и Инстаграм поради недоволно преземени мерки за заштита на малолетниците.

Речиси 19500 мигранти престојувале во Србија лани

Прифатен центар на Комесаријатот за бегалци во Суботица на северот на Србија (архивска фотографија)
Прифатен центар на Комесаријатот за бегалци во Суботица на северот на Србија (архивска фотографија)

Во текот на 2024 година во прифатните и азилантските центри во Србија престојувале 19483 мигранти, што е за 82,10 отсто помалку од 2023 година, соопшти Комесаријатот за бегалци и миграција.

Најмногу мигранти имало од Сирија (38,19 отсто), Авганистан (19,93 отсто), Турција (11,95 отсто), Мароко (6,55 отсто) и Ирак (3,44 отсто).

Во Србија престојувале во просек по 14 дена, соопштија од Комесаријатот.

Во центрите моментално има 416 лица, кои се сместени во седум центри за прием и азил.

Моменталното искористување на капацитетите во центрите е околу 13 проценти.

„Секој мигрант кој минувал низ центрите на Комесаријатот добивал сместување, храна, облека, медицинска нега, како и хуман пристап од оние кои работат со него. Обезбеден е пристап до образование и за децата сместени во центрите“, објави Комесаријатот.

Во извештајот меѓудругото се додава дека миграциската состојба во Србија е стабилна.

Србија се наоѓа на таканаречената „Балканска бегалска рута“, преку која, бегајќи од војна и сиромаштија, луѓето во движење се обидуваат да стигнат до некоја од земјите на Европската Унија.

Напредок во преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

Појасот Газа (илустрација)
Појасот Газа (илустрација)

Американските и арапските посредници постигнаа значителен напредок во посредувањето за прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинската група Хамас и ослободувањето на десетици заложници кои се уште се држат во Појасот Газа, но конечниот договор сè уште не е постигнат, изјавија денеска (13 јануари) официјални лица.

Хамас е прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.

Според тројца функционери, наредните денови ќе бидат клучни за ставање крај на борбите кои траат повеќе од 15 месеци и го дестабилизираа целиот Блиски Исток.

Како што пренесуваат агенциите, во текот на ноќта е постигнат напредок во преговорите и изготвен е нацрт-договор, а преговарачите на Израел и Хамас ќе им го вратат на нивните лидери за конечно одобрување.

Според официјалните претставници, катарските посредници извршиле нов притисок врз Хамас да го прифати договорот, додека пратеникот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, извршил притисок врз Израелците.

Виткоф неодамна се приклучи на преговорите и престојува неколку дена во регионот.

Посредниците во преговорите доставија нацрт-договор до секоја страна, а се наведува дека клучни ќе бидат следните 24 часа.

Сега се разговара за фазен прекин на огнот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано сигнализираше дека е посветен само на првата фаза, делумно ослободување на заложниците во замена за еднонеделен прекин на борбите. По почетокот на првата фаза би се преговарало за можноста за траен прекин на огнот и други прашања. Хамас побара целосно повлекување и целосен прекин на војната.

Египетски функционер рече дека е постигнат добар напредок во текот на ноќта, но дека најверојатно ќе бидат потребни уште неколку дена и дека страните сакаат да постигнат договор пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари. Друг функционер рече дека разговорите поминале добро, но не биле завршени.

Официјален претставник на Хамас, сепак, рече дека голем број спорни прашања допрва треба да се решат, вклучително и посветеноста на Израел да стави крај на војната и деталите за повлекувањето на израелските трупи и размената на заложници и заробеници.

Администрацијата на Бајден, заедно со Египет и Катар, помина повеќе од една година обидувајќи се да постигне договор за ставање крај на војната меѓу Израелците и Палестинците и да обезбеди ослободување на десетици заложници заробени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Русија соборила 9 украински дронови што се обиделе да го нападнат гасоводот „Турски тек“

Дел од гасоводот „Турски тек“
Дел од гасоводот „Турски тек“

Русија денеска (13 јануари) соопшти дека соборила девет украински беспилотни летала што се обиделе да нападнат дел од инфраструктурата на гасоводот „Турски тек“, преку кој рускиот гас тече кон Турција и Европа, пренесува агенцијата АФП.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил насочен кон компресорска станица во јужна руска област Краснодар, но објектот работи нормално и нема жртви.

Засега не може да се потврди точноста на информацијата од независни извори, а и Украина засега не даде коментар.

„Турски тек“ и Син тек“, гасоводите што одат по дното на Црното Море и ги поврзуваат Русија и Турција, се последните рути за испорака на руски гас во Европа, откако Украина претходно оваа година одби да го обнови договорот за транзит на гас, што и овозможи на Русија да продолжи транзитирање гас низ нејзината територија и покрај војната.

Во соопштението на руското министерство се наведува дека остатоците од едно од беспилотните летала предизвикале мала штета на зградата и опремата на мерната станица на компресорската станица, но тимовите за итни случаи брзо ги отстраниле.

Трасата на гасоводот започнува од компресорската станица „Рускаја“ во близина на градот Анапа, поминува низ Кајакој, во Турција и продолжува кон Европа. Компресорските станици долж трасата го стабилизираат притисокот и го контролираат протокот во цевководот.

Италија ослободи Иранец баран од САД поради наводна вмешаност во напад со дрон

Мохамад Абедини
Мохамад Абедини

Техеран потврди дека ирански државјанин се вратил дома откако бил ослободен од Италија, и покрај барањето на Вашингтон за негова екстрадиција во Соединетите Држави поради неговата наводна вмешаност во смртоноснен напад со беспилотно летало во Јордан.

Италија го ослободи 38-годишниот Мохамад Абедини на 12 јануари, четири дена откако Техеран ја ослободи 29-годишната италијанска новинарка и водител на поткаст Сесилија Сала, иако ниту една страна не спомна размена на затвореници.

Откако беше објавено дека Абедини е ослободен рано утринава од Италија, иранското Министерство за надворешни работи и правда соопшти дека тој пристигнал во Иран.

Абедини, иранско-швајцарски бизнисмен, беше уапсен во Италија во декември на барање на САД.

Вашингтон го обвини Абедини дека испорачува софистицирана технологија за беспилотни летала на иранската војска, со што ги прекршува американските санкции. Тој е исто така обвинет и за наводна вмешаност во напад со беспилотно летало во јануари 2024 година врз американската база во Јордан, во кој загинаа тројца војници.

Американското Министерство за правда соопшти дека Абедини е основач и директор на иранска компанија „која произведува навигациски модули кои се користат во програмата за воени беспилотни летала“ на иранската Револуционерна гарда.

Иранското Министерство за надворешни работи тврди дека апсењето на Абедини било „недоразбирање“ кое било решено во разговорите меѓу иранските и италијанските разузнавачки служби.

Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ објави дека Абедини бил ослободен од затворот во Милано со одлука на Апелациониот суд врз основа на пресудата на министерот за правда Карло Нордио.

Италијанското Министерство за правда соопшти дека според договорот на земјата со Вашингтон, екстрадицијата може да се изврши само доколку наводното кривично дело е казниво според законите на двете земји.

„Првиот прекршок што му се припишува на ирански државјанин, „злосторничко здружување за кршење на IEEPA“, (е) не се казнува според италијанскиот казнен систем“, се вели во извештајот, повикувајќи се на Законот за меѓународни итни економски овластувања, американски закон кој му дава на претседателот широки овластувања во итни ситуации.

Иранскиот државјанин беше обвинет од Вашингтон и за „злосторничко здружување за давање материјална поддршка на терористичка организација што резултира со смрт“ и за давање „материјална поддршка на странска терористичка организација што резултира со смрт“.

Сепак, италијанското Министерство за правда соопшти дека не биле понудени докази како „основа за изнесените обвиненија“.

Вашингтон не го коментираше ослободувањето на Абедини.

Сала, која беше уапсена од полицијата во Техеран на 19 декември поради нејзините „новинарски активности“, беше ослободена на 8 јануари и се врати дома.

Зеленски подготвен на размена на заробените севернокорејски војници за украински

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев е подготвен да ги предаде севернокорејските војници на нивниот лидер Ким Џонг Ун, доколку тој може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија.

„Покрај првите заробени војници од Северна Кореја, сигурно ќе ги има повеќе. Прашање на време е кога нашите војници ќе успеат да заробат и други“, напиша Зеленски на платформата X.

Зеленски во саботата (11 јануари) соопшти дека Украина заробила двајца севернокорејски војници во рускиот регион Курск.

Според украинските и западните проценки, околу 11 000 војници од Северна Кореја се во регионот Курск за да им помогнат на руските сили. Русија ниту го потврди ниту го демантираше нивното присуство.

Зеленски наведува дека руските и севернокорејските сили претрпеле големи загуби.

„Украина е подготвена да му ги предаде војниците на Ким Џонг Ун доколку тој може да организира нивна размена со нашите воини заробени во Русија“, напиша Зеленски.

Зеленски рече дека може да има други опции за севернокорејските војници кои не сакаат да се вратат дома „и дека на оние кои изразуваат желба да го доближат мирот со ширење на вистината за оваа војна на корејски јазик ќе им биде дадена таа опција“.

Расте бројот на загинати во пожарите во Лос Анџелес, најмалку 24 мртви

Лос Анџелес
Лос Анџелес

Најмалку 24 луѓе загинаа во големите шумски пожари кои продолжуваат да ја пустошат областа Лос Анџелес во американската сојузна држава Калифорнија, соопштија градските медицински власти.

Шеснаесет од жртвите се поврзани со пожарот Итон во близина на Пасадена, а осум други со пожарот Палисејдс во областа Пацифик Палисејдс.

Од вторникот има неколку големи пожари во регионот, но овие два се најтешки, пренесува ДПА.

Локалните власти стравуваат дека бројот на загинати може да продолжи да расте, бидејќи може да поминат неколку дена пред службите за итни случаи безбедно да пристапат до сите области погодени од пожарите.

Пожарникарите се подготвуваат за налети на ветар кои ќе се појават повторно во наредните денови, што го влошува она што властите велат дека може да биде една од најлошите природни катастрофи во историјата на САД.

Ерменската заедница во Лос Анџелес погодена од катастрофалните шумски пожари
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Американската метеоролошка служба прогнозираше брзина на ветер до 110 километри на час за недела, што, во комбинација со сувата вегетација, придонесува за брзо и непредвидливо ширење и на постоечките и на новите пожари. Одделот за шумарство и противпожарна заштита во Калифорнија предупреди на „критично време од пожари“ до среда.

„Загрозувачки по живот ветрови и опасно ниска влажност се предвидуваат за поголемиот дел од Јужна Калифорнија, од Вентура до Сан Диего, создавајќи значителен ризик од брзо ширење на пожарите, соопшти одделот на платформата X.

Властите предупредија дека ветрот ќе ја зголеми активноста на пожарите и ги повикаа луѓето да избегнуваат косење тревници и паркирање на возилата на сува трева и да се осигураат дека сите логорски огнови се изгаснати.

Одделот за шумарство и противпожарна заштита во Калифорнија соопшти дека околу 12300 згради се уништени или оштетени. Од вторникот, изгореа речиси 163 квадратни километри земја, што е простор речиси со големина на Вашингтон.

Убедлива победа на Милановиќ за втор мандат

Хрватскиот претседател и претседателски кандидат Зоран Милановиќ по првите неофицијални резултати од вториот круг на претседателските избори во Загреб. 12 јануари 2025 година.
Хрватскиот претседател и претседателски кандидат Зоран Милановиќ по првите неофицијални резултати од вториот круг на претседателските избори во Загреб. 12 јануари 2025 година.

Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на СДП и нејзините партнери Зоран Милановиќ победи на претседателските избори. Ова го покажаа првите нецелосни резултати од вториот круг на претседателските избори што ги објави Хрватската Државна изборна комисија (ДИП).

Според привремените резултати на ДИП, Милановиќ освоил 74,68 отсто од гласовите, а кандидатот и партнер на ХДЗ Драган Приморац освоил 25,32 отсто од гласовите откако биле обработени 99,70 отсто од избирачките места.

Според привремените изборни резултати, Милановиќ добил 1.120.832 гласа, а Приморац 380.038 гласа.

Во победничкиот говор по освојувањето на вториот мандат на претседателските избори, Милановиќ рече дека вечерашната победа ја гледа како признание за неговата работа, но и како порака до извршната власт и порача на власта да ја слушне.

Накратко се огласи и на Фејсбук: „Ви благодарам“, рече тој.

Премиерот и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, во неделата навечер изјави дека ги забележале резултатите од изборите и му честитале на нивниот кандидат Драган Приморац, за кого повторил дека е одличен кандидат и дека за време на кампањата добивал удари од лево и од десно.

Тој рече дека од утре ќе продолжат да работат за Хрватска бидејќи Владата има три и пол години мандат и многу предизвици.

Тој посочи дека 99 отсто од овластувањата во Хрватска се во доменот на Владата, а еден отсто во домен на претседателот на Републиката.

Според податоците на ДИП, на осмите претседателски избори во Хрватска до 16 часот и 30 минути гласале 34,77 отсто од граѓаните, додека во првиот круг одржан на 29 декември гласале 36,09 отсто од граѓаните.

Право на глас на претседателските избори во Хрватска имаат 3,7 милиони граѓани. Во првиот круг гласале вкупно 1.625.458 гласачи, што е 46,03 отсто од вкупниот број запишани избирачи.

Гласањето се одржа на 12-ти јануари на повеќе од 6.500 избирачки места во Хрватска.

Актуелниот претседател Зоран Милановиќ од Социјалдемократската партија (СДП) влезе во вториот круг со 49,1 отсто од гласовите, а Драган Приморац, од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) со поддршка на Движењето Татковина и неколку помали партии, со 19,35 отсто.

Клучниот советник на Трамп бара нов притисок врз Иран

Кит Келог.
Кит Келог.

Специјалниот пратеник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Русија и Украина за време на настан на иранската опозиција во Париз, повика на враќање на „максимален притисок“ врз Техеран за да се изврши притисок да дозволи поголема демократија и да ја прекине поддршката за екстремистичките елементи во Блискиот Исток.

„Овие притисоци не се само кинетички, само не се воена сила, туку тие мора да бидат и економски и дипломатски“, рече Кит Келог, пензиониран генерал-полковник на 11 јануари пред присутните на собирот на Националниот совет за отпор на Иран ( NCRI) – која Техеран ја смета за терористичка група.

Трамп вети дека ќе се врати на политиката за „максимален притисок“ што ја водеше за време на неговиот претходен мандат, со цел да ја попречи иранската економија доволно за да ја принуди земјата да преговара за нејзините нуклеарни и балистички ракетни програми и да ги ограничи регионалните активности.

Трамп во 2018 година го повлече Вашингтон од историскиот нуклеарен договор потпишан со светските сили, со што повторно беа воведени осакатувачки санкции кон Иран. Трамп рече дека условите не се доволно строги за да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.

Во Париз, Келог рече дека сега има можности „да се промени Иран на подобро“, но дека „мора да ја искористиме слабоста што сега ја гледаме. Надежта е таму, исто така мора да биде и акцијата“, рече тој.

Веднаш не беше јасно дали патувањето на Келог и изјавите за политиката кон Иран биле директно синхронизирани со Трамп.

Трамп на 27 ноември го избра Келог, кој долго време служеше како врвен советник за одбранбени прашања, како негов специјален пратеник за Украина и Русија.

На почетокот на овој месец, Келог го одложи патувањето што се очекуваше да го направи во Киев и другите европски метрополи до преземањето на функцијата на Трамп на 20 јануари.

Во меѓувреме, Хусеин Салами, командант на иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), на 11 јануари ја предупреди администрацијата што доаѓа дека стратешките погрешни пресметки може да доведат до вооружен конфликт.

Тој додаде дека војската на Техеран не е толку слаба како што некои веруваат.

„Знаеме дека таквите мислења се соништа на непријателот, а не реалност на теренот“, рече тој, според државната новинска агенција ИРНА.

„Бидете внимателни, не правете стратешки грешки или погрешни пресметки“, рече тој, без директно да го спомене Трамп.

Администрацијата на Трамп во 2019 година официјално ја назначи ИРГЦ за странска терористичка организација.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG