Достапни линкови

Треба да се внимава бидејќи тоа секогаш предизвикува тензии во меѓуетничките односи


Издигнувањето на бисти и споменици ги влошува меѓуетничките односи, смета Зоран Дамјановски градоначалник на општина Куманово.Тој посочува дека треба многу да се внимава кога се градат вакви спомен обележја:

„На некој начин тоа создава тензична ситуација меѓу етничките заедници и сметам дека во поглед на тоа прашање треба да се оди внимателно, да не се дига тензијата и да не подгрева состојбата во овој ранлив период за Македонија.“

И градоначалникот на Струга Рамиз Мерко со слично мислење како и Дамјановски. Мерко објаснува дека македонците се секогаш против подигнувањето на бисти на албанци:

„2005 по барање на советот на Струшките вечери на поезијата одобривме подигнување на бисти на Анте Поповски и Славко Јаневски, меѓу тие двајца веќе имаше и од албанска националност двајца поети. Се поставија бистите на Јаневски и Поповски без никаков проблем, додека за другите се остави време подоцна да се постават. Но, кога се поставија се крена и судот и граѓаните да не се поставуваат. Веднаш се крена една тензија.“

Градењето на бисти и споменици е идентификувано како еден од елементите кои што можат да предизвикат конфликт помеѓу граѓаните вели Мирјана Најчевска од Институтот за правни истражувања. Таа вели дека иако е изготвен закон за меморијални споменици и спомен обележјата, никој не го почитува:

„Ова воопшто не е чудно ако земеме предвид дека и самата Влада со некои од своите постапки оди надвор од законите, односно промовира непочитување на законите, како што е да речеме идејата за изградба на црква на плоштадот во Скопје, без да бидат почитувани претходно соодветните процедури.“

Според аналитичарот Алберт Муслиу меѓуетничките односи се подобрени за разлика од предходните години, но и тој исто како и Најчевска смета дека треба да се внимава при градењето на бисти:

„Мислам дека е вибранта, зависи од момент до момент, зависи и од дневно политичката ситуација, некогаш тие односи се потензични некогаш се порелкасирани. Јас мислам дека генерално се во издржливо ниво, ниво кое засега обезбедува напредок. Јас верувам дека кога се креваат бисти на некои научници тоа предизвикува некое негодување од другата страна. Можам да кажам дека во Гостивар имаме биста на партизан од Втората Светска Војна што кај некои предизвикува нервоза.“
XS
SM
MD
LG